поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А беа два дни до Пасха и до празникот на Бесквасните лебови. И главните свештеници и книжниците бараа како да Го фатат на измама и да Го убијат,

2. но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.”

3. И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава.

4. А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото!

5. Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!” И негодуваа против неа.

6. Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто и досадувате? Таа направи добро дело на Мене.

7. Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш.

8. Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение.

9. И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Евангелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.”

10. И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде.

11. А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде.

12. А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Неговите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?”

13. И испрати двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него

14. и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?”

15. И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!”

16. И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата.

17. А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината.

18. И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.”

19. Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?” А друг: „Дали јас?”

20. А Тој им рече: „Еден од Дванаесетмината, кој макнува со Мене во чинијата.

21. Човечкиот Син си оди, како што е напишано за Него; но горко му на тој човек, преку кого Човечкиот Син ќе биде предаден. Подобро би му било на тој човек, да не се родил.”

22. И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им раздаде и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.”

23. И ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и сите пиеја од неа.

24. И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина.

25. Вистина ви велам: нема веќе да пијам од лозовиот плод до оној ден, кога ќе пијам нов во Божјото Царство.”

26. И откако испеаја песна, излегоа на Маслиновата Гора.

27. И Исус им рече: „Сите ќе се соблазните, зашто е напишано: „Ќе го удрам Пастирот, и овците ќе се разбегаат.”

28. А по Своето воскресение, ќе отидам пред вас во Галилеја.”

29. А Петар Му рече: „Ако и сите се соблазнат, но јас - не.”

30. И Исус му рече: „Вистина ти велам, дека ти денес, во оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.”

31. Но тој уште поупорно зборуваше: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!” И сите го велеа истото.

32. И дојдоа до место, по име Гетсиманија, и им рече на Своите ученици: „Седете тука, додека се помолам!”

33. И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува.

34. И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!”

35. И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час,

36. и велеше: „Ава, Татко! Сè е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!”

37. И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час!

38. Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.”

39. И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва.

40. Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат.

41. И дојде по третпат и им рече: „Сè уште спиете и почивате!” Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во грешнички раце.

42. Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!”

43. И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него множество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините.

44. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.”

45. И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.”

46. А тие ставија раце на Него и Го фатија.

47. А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.

48. Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите!

49. Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!”

50. Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа.

51. А по Него одеше еден млад човек, наметнат со платно на голото тело, и го фатија него;

52. но тој го остави платното и избега гол од нив.

53. И Го одведоа Исуса при првосвештеникот, и се собраа сите главни свештеници, старешини и книжници.

54. А Петар Го следеше оддалеку сè до - во дворот на првосвештеникот. Таму седеше со слугите и се грееше покрај огнот.

55. А првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштво против Исуса, за да Го убијат, но не најдоа.

56. Зашто мнозина сведочеа лажно против Него, но сведоштвата не беа еднакви.

57. И некои станаа и сведочеа лажно против Него, велејќи:

58. ”Ние Го чувме како зборуваше: „Ќе го урнам овој ракотворен Храм и за три дни ќе изградам друг - неракотворен. „

59. Но ни така нивното сведоштво не беше еднакво.

60. Тогаш првосвештеникот стана на средина и Го праша Исуса, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”

61. А Тој молчеше и ништо не одговори. Првосвештеникот Го праша пак: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?”

62. А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци.”

63. Тогаш првосвештеникот ја раскина својата облека и рече: „Зошто ни се потребни веќе сведоци?

64. Чувте богохулство! Како ви се гледа?” А тие сите Го осудија дека заслужува смрт.

65. И некои почнаа да Го плукаат и да Му го покриваат лицето, да Го удираат со тупаници и да Му велат: „Проречи!” И слугите Го удираа по образите.

66. И кога Петар беше долу, во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот;

67. и кога го виде Петра, како се грее, го погледна и му рече: „И ти беше со Исуса Назареецот!”

68. Но тој одрече, велејќи: „Ниту знам, ниту разбирам што зборуваш!” И излезе надвор во преддворјето и петел запеа.

69. А слугинката го виде и почна пак да им зборува на оние, кои стоеја таму: „И овој е од нив!”

70. А тој пак одрече. Подоцна, оние, кои стоеја таму, пак му рекоа на Петра: „Навистина си од нив, зашто и ти си Галилеец а и говорот се сложува.”

71. А тој почна да се колне и да се заколнува: „Не Го познавам човекот за Кого зборувате.”

72. И веднаш петелот запеа по вторпат. А Петар се сети на зборовите, што му ги рече Исус: „Пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.” И почна да плаче.