поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И веднаш наутро, првосвештениците, со старешините и книжниците и целиот Синедрион, Го врзаа Исуса, Го одведоа и му Го предадоа на Пилата.

2. И Пилат Го праша: „Ти ли си Јудејскиот Цар?”А Тој му одговори и рече: „Ти велиш!”

3. Првосвештениците Го обвинуваа многу. Но Тој не одговори ништо.

4. А Пилат пак Го праша: „Ништо ли не одговараш? Гледај, колку Те оптужуваат!”

5. Но Исус веќе ништо не одговори, така што Пилат се чудеше.

6. А на секој празник им пушташе по еден затвореник, кого ќе го побараа.

7. Беше во окови наречениот Варава, со своите собунтовници, кои во буната беа извршиле убиство.

8. И народот извика гласно и почна да го бара она, што секогаш им го правел.

9. А Пилат им одговори, велејќи: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?”

10. Зашто знаеше дека првосвештениците Го предадоа од завист.

11. Но првосвештениците го наговорија народот: подобро да им го пушти Варава.

12. А Пилат пак одговори и им рече: „Тогаш, што да направам со Оној, Кого Го викате Јудејски Цар?”

13. Но тие извикаа повторно: „Распни Го!”

14. Пилат пак им рече: „Какво зло направил?” Но тие извикаа уште посилно: „Распни Го!”

15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса, откако Го бичуваа, Го предаде да биде распнат.

16. Војниците Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета.

17. И Му облекоа пурпурна облека; сплетоа венец од трње и го положија на Него.

18. И почнаа да Го поздравуваат: „Здраво, Јудејски Царе!”

19. И Го удираа со трска по главата, Го плукаа и паѓајќи на колена Му се клањаа.

20. А кога Му се наругаа, ја соблекоа од Него пурпурната наметка и Му ја облекоа Неговата облека, и Го поведоа да Го распнат.

21. И натераа еден минувач, Симон Киринеец, кој се враќаше од полето, татко Александров и Руфов, да го носи Неговиот крст.

22. И Го доведоа на местото Голгота, што значи Место На Черепи.

23. И Му даваа вино со смирна, но Тој не прими.

24. Потоа Го распнаа и ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка за нив - кој што да земе.

25. А беше третиот час, кога Го распнаа.

26. И беше напишан натпис, што ја означуваше Неговата вина: „Јудејски Цар.”

27. И со Него распнаа двајца разбојници; едниот оддесно, а едниот одлево, до Него.

28. И се исполни Писмото кое вели: „И Го вброија меѓу злосторници.”

29. А минувачите Го хулеа, вртејќи со своите глави и велејќи: „Уа! Ти што го уриваш Храмот и го соѕидуваш за три дни,

30. спаси Се Себеси и слези од крстот!”

31. Слично се ругаа првосвештениците, заедно со книжниците, говорејќи еден на друг: „Другите ги спаси, а Себе не може да се спаси!

32. Христос - Израелевиот Цар! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!” Го навредуваа и оние, кои беа распнати со Него.

33. А во шестиот час, настана темнина по сета земја, до деветтиот час.

34. А во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Или! Или! Лама Савахтани!”- што значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!”

35. Штом го чуја тоа, некои од оние, кои стоеја таму, рекоа:”Ете, го вика Илија!”

36. И еден отрча и накваси сунѓер во киселина, ја надена на трска и Му даде да пие, велејќи: „Оставете, да видиме дали ќе дојде Илија да Го симне!”

37. А Исус викна со силен глас и издивна.

38. И храмската завеса се расцепи надве, одозгора до долу.

39. А кога виде стотникот, кој стоеше спроти Него, дека така издивна, рече: „Навистина, Овој човек беше Божји Син!”

40. А оддалеку гледаа и жени, меѓу кои беше Марија Магдалена, Марија мајка на Јаков малиот и на Јосија и Салома,

41. кои одеа по Него, кога беше во Галилеја, и Му служеа, и многу други, кои дојдоа со Него во Ерусалим.

42. А кога веќе се свечери, бидејќи беше подготвување, односно ден спроти сабота.

43. Дојде Јосиф од Ариматеја, почитуван советник, кој и самиот го чекаше Божјото Царство, се осмели и влезе при Пилата и го побара Исусовото тело.

44. А Пилат се зачуди дека веќе починал; и го повика стотникот и го праша дали починал одамна.

45. А штом узна од стотникот, му го даде на Јосифа мртвото тело.

46. Тој купи ленено платно, Го симна, Го завитка во платното и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа, и навали камен пред вратата на гробот.

47. А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде е положен.