поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Стар Завет

Нов Завет

Марко 16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А кога мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Салома, купија мириси, за да дојдат и да Го помажат.

2. И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето.

3. И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот?”

4. И кога погледаа, видоа дека каменот е одместен. Имено, беше многу голем.

5. А кога влегоа во гробот, видоа младич во долга бела облека, како седи оддесно и се зачудија.

6. Но тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија.

7. Туку одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петра; дека ‘Тој отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви рече.’”

8. А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја.

9. А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.

10. Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа.

11. А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа.

12. Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа во селото.

13. И тие отидоа и им јавија на другите; но и ним не им поверуваа.

14. Најпосле им се јави и на Единаесетмината, додека беа покрај трпезата, и ги укори заради нивното неверие и закоравеноста на срцето, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.

15. И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание!

16. Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.

17. А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици;

18. ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.

19. А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога.

20. А тие излегоа и проповедаа насекаде; а Господ помагаше и го утврдуваа словото со знаци, кои го придружуваа. Амин!