поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Нов Завет

Галатјаните 4 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Од ропството на Законот во слобода

1. Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сѐ;

2. туку е под настојници и чувари до определениот рок од неговиот татко.

3. Па така и ние, додека бевме малолетни, бевме поробени од стихиите на светот;

4. но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од же­на и се потчини на Законот,

5. за да ги откупи оние што се под За­кон, та да го примиме посинувањето.

6. А бидејќи вие сте синови, Бог Го ис­прати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!

7. Затоа не си веќе роб, туку син; ако си, пак, син, тогаш си и наследник Бож­ји преку Исус Христос.

Павле чувствува немир за Галатјаните

8. Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови кои по својата природа не се богови;

9. а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна, како сега повторно се враќате кон слабите и бед­ни стихии, на кои сакате одново да им служите?

10. Внимавате на деновите, месеците, времињата, годините.

11. Се плашам за вас, да не сум се тру­дел меѓу вас попусто.

12. Ве молам, браќа, станете како мене, затоа што и јас станав како вас. Вие со ништо не сте ме навредиле:

13. знаете дека, кога за првпат ви про­поведав, бев телесно немоќен,

14. и при сето тоа, вие не го презревте искушението на моето тело, ниту се погнасивте од него, туку ме примивте како ангел Божји, како Исус Христос.

15. Каде ви е сега радоста ваша? Све­до­чам за вас дека кога би било можно, и очите свои би ги извадиле и би ми ги да­ле.

16. И затоа ли станав ваш непријател, бидејќи ви ја зборував вистината?

17. Тие не ревнуваат за вас добро, туку сакаат да ве одвојат од мене, та вие за нив да ревнувате.

18. Добро е секогаш да ревнувате во доброто, а не само кога сум меѓу вас.

19. Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос,

20. сега би сакал да бидам меѓу вас и да ви се обратам со поинаков тон, бидејќи сум во недоумица за вас.

Двата завета: Законот кој поробува и благодатта која ослободува

21. Кажете ми, вие, што сакате да би­дете под Законот: зарем не го слушате Законот?

22. Зашто е напишано дека Авраам имаше двајца синови, еден од слугинката, а друг од слободната.

23. Но оној што беше од слугинката, се роди по тело; а оној што беше од сло­бод­ната – по ветување.

24. А ова е речено сликовито: двете жени се двата завета: едниот од Синај­ската Гора, која раѓа за ропство; а тоа е Агара.

25. Бидејќи Агара значи Синајска Гора во Арабија, а соодветствува на сегаш­ниот Ерусалим и робува со децата свои;

26. а горниот Ерусалим е слободен: тој е мајка на сите нас.

27. Зашто е напишано: „Развесели се неплодна, ти што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си искусила поро­дилни маки; бидејќи напуштената има многу повеќе деца од онаа која има маж.“

28. Вие, пак, браќа, сте како Исак, чеда на ветувањето.

29. Но, како што тогаш, оној што се роди по тело, го гонеше родениот по дух, така е и сега.

30. А што зборува Писмото? „Истерај ја робинката и синот нејзин, зашто си­нот на робинката нема да биде наследник заедно со синот на слободната!“

31. И така, браќа ние не сме деца на ро­бинката, туку на слободната.