поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Нов Завет

Галатјаните 2 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Сложност во Ерусалим. Единство на Црквата и христијанска слобода

1. И четиринаесет години подоцна пак се искачив во Ерусалим со Вар­нава, а го зедов со себе и Тит.

2. Влегов по откровение и им го из­ло­жив на верните, посебно на највидните, Евангелието што го проповедам кај незнабошците, за да не трчам или за да не трчав попусто.

3. Па дури ни Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обрезе,

4. и тоа заради лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христос Исус, за да нѐ поробат,

5. ним ни за час не им дозволивме да нѐ покорат, за да остане во вас вистината на Евангелието.

6. А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно, Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.

7. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните,

8. зашто Оној, Кој дејствуваше врз Пе­тар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците

9. и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај нез­на­бош­ци­те, а тие – кај обрезаните.

10. Посакаа само да ги помниме сиромасите, за што се погрижив и точно да го исполнам.

Недоразбирање во Антиохија. Вистината на Евангелието и благодатта на верата

11. А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување.

12. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незна­бошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се пла­ше­ше од обрезаните.

13. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицеме­рие беше заведен дури и Варнава.

14. А кога видов дека тие не постапува­ат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да жи­веат јудејски?“

15. Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.

16. Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, ту­ку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку ве­ра­та во Христа, а не преку делата на За­конот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда.

17. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христос, и сами се најдовме грешници, не е ли тогаш Христос слуга на гре­вот? Тоа никако!

18. Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;

19. преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос;

20. и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се пре­даде за мене.

21. Не ја отфрлам благодатта Божја; зашто ако праведноста се придобива преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.