поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Нов Завет

Галатјаните 3 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Изворот на дарот од Духот

1. О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса та не се покорувате на вис­тината вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас?

2. Само ова сакам да го дознаам од вас: преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата?

3. Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате?

4. Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо!

5. Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го прави тоа, или преку пораката на верата?

Авраамовото ветување

6. Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.

7. Знајте, пак, дека оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови.

8. И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“

9. И така, оние што веруваат, се бла­гословени заедно со верниот Авраам;

10. а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Зашто е на­пи­шано: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“

11. А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“

12. А Законот не е од верата, туку збо­рува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“

13. Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“,

14. така што благословот даден на Ав­раам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветени­от Дух преку верата.

Законот и ветувањето

15. Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура ниту му додава нешто.

16. Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е ре­че­но: „И на семињата“, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое“, кое е Христос.

17. Ова сакам да го кажам: Заветот што Бог го даде не може да биде обез­вреден од Законот, кој е настанат че­ти­ристотини и триесет години подоцна, така што ветувањето би можело да ја изгуби силата.

18. Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветува­њето; а на Авраам Бог му го дари по ве­тување.

19. Зошто е, пак, даден Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, пре­ку рака на посредник.

20. Но посредникот не може да биде са­мо посредник на еден, а Бог е еден.

21. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе произлегуваше од Законот.

22. Но Писмото сите ги затвори под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат.

23. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие.

24. И така, Законот беше за нас вос­пи­тувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата;

25. а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач.

26. Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус;

27. сите, што сте крстени во Христа, во Христа се облековте.

28. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус.

29. А, ако сте, пак, вие Христови, то­гаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.