Нов Завет

2 Коринтјаните 5:6-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. Затоа ние секогаш сме смели, и покрај тоа што се додека сме во ова овоземно тело, ние не сме дома, кај Господ.

7. Верата е она што не движи напред, а не тоа што сега го гледаме.

8. Храбри сме, бидејќи повеќе сакаме да се иселиме од ова наше овоземно тело и да си одиме дома, кај Господ.

9. Затоа, било да сме дома кај Господ, или да сме овде, сакаме да го работиме тоа што Нему Му е по волја.

10. Секој од нас ќе треба да се појави пред Христовиот суд, за да го прими она што го заслужил со своите добри или лоши постапки додека бил во овоземното тело.

11. Ние имаме страхопочит спрема Господ, и затоа со сите сили се обидуваме да им всадиме вера и на другите луѓе. Бог знае дека сме искрени, а се надевам дека длабоко во себе и вие знаете какви луѓе сме.

12. Не, не ни е намерата да ви се наметнуваме, туку да ви дадеме аргументи за да се гордеете со нас, и да можете да им одговорите на оние што се фалат со својата надворешност, а не со внатрешни квалитети.

13. Ако ви изгледаме надвор од себе, тоа е за да Му донесеме слава на Бог. Ако, пак, разумот не води, тоа е за ваша полза.

14. Што и да работиме, тоа е затоа што не раководи љубовта на Христос. Како што веруваме дека Христос умре за сите луѓе, така веруваме и дека сите ние умревме за стариот начин на живот што го живеевме.

15. Тој умре за сите нас и затоа тие што го прифаќаат од Него подарениот живот, нема веќе да живеат за да си угодуваат самите на себе, туку ќе живеат за да Му угодат на Христос, Кој умре и воскресна за нив.

16. Затоа, ние веќе никого не вреднуваме според телесните постигнувања. Ако порано така гледавме на Христос сега веќе не гледаме така.

17. Тоа значи дека кога некој ќе стане христијанин, тој е веќе нова личност. Не е веќе ист како порано, зашто со стариот живот е веќе завршено. Започнува нов живот!

18. Тој нов живот доаѓа од Бог, Кој, преку Христос, не помири со Себе и ни ја довери задачата да им објаснуваме на луѓето како и тие да се помират со Него.

19. Нашата порака е дека Бог беше во Христос и му понуди помирување на целиот свет со Себе, готов да им ги прости гревовите на луѓето. Таа порака, која објаснува како можеме да се помириме со Бог, ни ја довери нам, за да им ја проповедаме на сите луѓе.

Прочитајте целосна глава 2 Коринтјаните 5