поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 6 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа отиде Исус на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско.

2. Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаа чудесата, што ги правеше над болните.

3. Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици.

4. А наближуваше јудејскиот празник - Пасхата.

5. Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Филипа: „Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?”

6. Тоа го рече за да го искуша; зашто Самиот знаеше што ќе направи.

7. Филип Му одговори: „Не ќе им стигне леб за двеста денарии, па секој од нив да добие по малку.”

8. Еден од Неговите ученици, Андреј братот на Симона Петра, Му рече:

9. ”Тука има едно момче, кое има пет јачмени лебови и две риби; но што е тоа за толкаво множество?”

10. А Исус рече: „Нека поседнат луѓето!” Имено, имаше многу трева на местото, па поседнаа луѓето, на број околу пет илјади.

11. Тогаш, Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што поседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа.

12. Кога се наситија, им рече на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!”

13. И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчиња од петте јачмени лебови, што им останаа на оние, кои јадеа.

14. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи, рекоа: „Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот.”

15. Исус, - штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар - пак се повлече сосем Сам во гората.

16. Кога се приквечери, Неговите ученици слегоа до морето,

17. и влегоа во кораб и отидоа преку морето во Капернаум. Веќе се стемни, а Исус уште не беше дојден при нив.

18. Морето се разбранува, оти дуваше силен ветер.

19. Откако одвеслаа околу дваесет и пет или триесет стадии, Го видоа Исуса како оди по морето и се приближува кон коработ; па се исплашија.

20. Но Тој им рече: „Јас Сум, не бојте се!”

21. Тие сакаа да Го земат во коработ, а коработ се најде веднаш на брегот, каде што одеа.

22. Утреден, народот, што стоеше преку морето, виде дека таму немаше друго бротче освен едното и дека Исус не влезе во бротчето со Своите ученици, туку дека Неговите ученици отпловија сами.

23. Од Тиверијада пристигнаа други бротчиња, близу до местото каде што беа јале леб, откако Господ заблагодари.

24. И кога народот виде дека таму ги нема ни Исуса ни Неговите ученици, влегоа во корабите и пристигнаа во Капернаум, за да Го бараат Исуса.

25. Кога Го најдоа на другата страна на морето, Му рекоа: „Рави, кога дојде тука?”

26. Во одговор Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Ме барате не затоа што ги видовте чудните знаци, туку дека ги јадевте лебовите и се наситивте.

27. Работете не за храна што се расипува, но за храна што останува за вечен живот, а што ќе ви ја даде Човечкиот Син, зашто Бог Таткото Го потврди Него за тоа!”

28. Тогаш Му рекоа: „Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?”

29. Исус одговори и им рече: „Божјото дело е ова: да верувате во Оној, Кого Тој Го испратил.”

30. Тие пак Му рекоа: „Каков знак правиш, да видиме и да Ти поверуваме? Што правиш?”

31. Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: „Им даде да јадат леб од небото.”

32. Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото; а Мојот Татко ви дава вистински леб од небото.

33. Зашто Божјиот леб е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.”

34. Тогаш Му рекоа: „Господи, давај ни го секогаш тој леб.”

35. Исус им рече: „Јас Сум Лебот на животот; кој доаѓа при Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни.

36. Но ви реков: иако Ме видовте - не верувате.

37. Сè што Таткото Ми дава ќе дојде при Мене, а оној кој доаѓа при Мене нема да го исфрлам;

38. зашто не слегов од Небото да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној, Кој Ме испратил.

39. А ова е волјата на Оној, Кој Ме пратил: да не изгубам ништо од сè што Ми дал, туку да го воскреснам во последниот ден.

40. Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.”

41. Тогаш Јудејците роптаа против Него зашто рече: „Јас Сум лебот што слезе од небото”,

42. и зборуваа: „Не е ли овој Исус, синот Јосифов, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: ‘Слегов од небото?’

43. Исус одговори и им рече: „Не роптајте меѓу себе.

44. Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Таткото, Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

45. Кај пророците е напишано: ‘Сите ќе бидат научени од Бога.’ Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа при Мене.

46. Не дека некој Го видел Таткото, освен Оној Кој доаѓа од Бога, Тој Го видел Таткото.

47. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене има вечен живот.”

48. ”Јас Сум Лебот на животот.

49. Вашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа.

50. Ова е лебот што слегува од небото, за да не умре оној, кој јаде од него.

51. Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб ќе живее довека; а лебот, што ќе го дадам, Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.”

52. Тогаш Јудејците се препираа меѓу себе и велеа: „Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?”

53. Тогаш Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Човечкиот Син и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе.

54. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

55. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинско питие.

56. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв - останува во Мене и Јас во него.

57. Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене.

58. Ова е лебот што слезе од небото. Не како што вашите татковци јадеа мана и изумреа, кој јаде од овој леб, ќе живее довека.”

59. Ова го рече кога поучуваше во Капернаум, во синагогата.

60. Мнозина од Неговите ученици, штом го чуја тоа, рекоа: „Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?”

61. Бидејќи Исус знаеше во Себе дека Неговите ученици негодуваат заради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?

62. А ако Го видите Човечкиот Син да се вознесува горе - каде што бил порано?

63. Духот е оној, кој оживува; телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот.

64. Но има некои од вас, кои не веруваат. „Зашто Исус знаеше од почеток кои не веруваат и кој ќе Го предаде.

65. И рече: „Затоа ви реков, дека никој не може да дојде при Мене, ако не му е дадено од Мојот Татко.”

66. Оттогаш мнозина од Неговите ученици се вратија и не одеа веќе со Него.

67. А Исус им рече на Дванаесетмината: „Да не сакате и вие да си отидете?”

68. Симон Петар Му одговори: „Господи, при кого да отидеме? Ти имаш зборови на вечен живот.

69. Ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.”

70. Исус им одговори: „Зар не ве избрав Јас - Дванаесетмината? Но еден од вас е ѓавол.”

71. А зборуваше за Јуда Симонов Искариотски, зашто тој, еден од Дванаесетте, сакаше да Го предаде.