поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Ова ви го кажав, за да не се соблазните.

2. Ќе ве истеруваат од синагогите; а ќе дојде час, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека Му служи на Бога.

3. А тоа ќе го прават затоа што не Го запознаа Мојот Татко, ниту Мене.

4. А Јас ви го кажав ова, за да се сетите, кога ќе дојде времето, дека ви го реков тоа. Ова не ви го реков од почеток, зашто бев со вас.”

5. ”А сега одам при Оној, Кој Ме пратил, и никој од вас не Ме праша: ‘Каде одиш?’

6. Туку, вашето срце се наполни со тага, зашто ви го кажав тоа.

7. Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам.

8. А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд.

9. За грев - зашто не веруваат во Мене;

10. за правда - зашто си одам при Мојот Татко, и веќе нема да Ме видите;

11. за суд - зашто е осуден кнезот на овој свет.

12. Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите.

13. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе, а ќе зборува она што слуша, и ќе ви навести за нештата што ќе дојдат.

14. Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви јави.

15. Сè што има Таткото - Мое е; затоа реков дека ќе земе од Моето и ќе ви јави.”

16. Уште малку и веќе не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите.

17. А некои од Неговите ученици си рекоа еден на друг: „Што е тоа, што ни вели: ‘Уште малку, и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’ и ‘Си одам при Мојот Татко?’

18. И си зборуваа: „Што е тоа ‘малку’ за кое зборува? Не знаеме што зборува!”

19. Исус разбра дека сакаат да го прашаат и им рече: „Затоа ли се прашувате меѓу себе за она што ви реков: ‘Уште малку и не ќе Ме гледате, и пак малку и ќе Ме видите?’

20. Вистина, вистина ви велам: вие ќе плачете и ќе ридате, а светот ќе се радува; и вие ќе бидете жалосни но вашата жалост ќе стане радост.

21. Жената е жалосна, кога раѓа, зашто дошол нејзиниот час; но штом ќе го роди детето, не си спомнува веќе за маката - од радоста дека се родил човек на светот.

22. Така и вие сега сте нажалени; но пак ќе ве видам, па ќе се зарадува вашето срце, и таа ваша радост никој не ќе може да ви ја одземе.

23. Во оној ден нема да Ме прашате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да молите од Мојот Татко, во Мое име, ќе ви даде.

24. Досега ништо не баравте во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде вашата радост полна.”

25. Ова ви го зборував во слики; доаѓа час кога нема да ви зборувам веќе во слики, туку ќе ви зборувам отворено за Таткото.

26. Во тој ден ќе барате во Мое име; и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас;

27. зашто Самиот Татко ве љуби, зашто вие Ме љубевте Мене и верувавте дека Јас Сум излегол од Бога.

28. Излегов од Таткото и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Таткото.”

29. Неговите ученици рекоа: „Еве, сега зборуваш отворено, и не зборуваш во слики.

30. Сега знаеме дека знаеш сè и нема потреба некој да Те прашува; затоа веруваме дека си излегол од Бога.”

31. Исус им одговори: „Сега ли верувате?

32. Еве, иде часот, и веќе дојде, за да се разбегате секој на своја страна и да Ме оставите Мене Сам; но сепак не Сум Сам, зашто Татко Ми е со Мене.

33. Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Имате неволја во светот; но бидете храбри - Јас го победив светот.”