поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Вистина, вистина ви велам, кој не влегува низ вратата во овчарникот, а прескокнува од друга страна, тој е крадец и разбојник.

2. А кој влегува низ вратата пастир е на овците.

3. Нему вратарот му отвора, а овците го слушаат неговиот глас, и ги вика своите овци по име и ги изведува.

4. Кога ќе ги истера своите овци, оди пред нив и овците одат по него, зашто го познаваат неговиот глас.

5. По туѓинец никако не одат, туку ќе побегнат од него, зашто не го познаваат гласот на туѓинците.”

6. Исус им ја кажа оваа споредба, но тие не разбраа што беше тоа за кое им зборуваше.

7. Исус им рече пак: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум вратата на овците.

8. Сите, кои дојдоа пред Мене, се крадци и разбојници; но овците не ги послушаа.

9. Јас Сум вратата; кој ќе влезе низ Мене, ќе биде спасен, ќе влегува и ќе излегува и ќе најде пасиште.

10. Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.”

11. ”Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците.

12. Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува;

13. зашто е наемник и не се грижи за овците.

14. Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене.

15. Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците.

16. И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир.

17. Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак.

18. Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.”

19. Заради тие зборови пак настана раздор меѓу Јудејците.

20. Мнозина од нив велеа: „Опфатен е од демон и безумствува, зошто Го слушате?”

21. Други велеа: „Тоа не се зборови на опфатен од демон. Може ли демон да отвора очи на слепци?”

22. Тогаш во Ерусалим се празнуваше Посветување; беше зима.

23. А Исус одеше по Соломоновиот трем на Храмот.

24. Тогаш Јудејците Го опкружија и Му рекоа: „До кога ќе ни ја измачуваш душата? Ако си Ти Христос, кажи ни слободно!”

25. Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што Јас ги правам - во името на Мојот Татко - сведочат за Мене.

26. Но, вие не верувате, зашто не сте од Моите овци.

27. Моите овци го слушаат Мојот глас, и Јас ги познавам, и тие идат по Мене.

28. Јас им давам вечен живот и никако нема да загинат и никој нема да ги грабне од Мојата рака.

29. Мојот Татко - Кој ми ги даде - е поголем од сите, и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Татко.

30. Јас и Татко Ми едно сме.”

31. Јудејците пак донесоа камења, за да Го убијат со камења.

32. Исус им одговори: „Ви покажав многу добри дела од Мојот Татко; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?”

33. Јудејците Му одговорија: „Не Те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство - зашто Ти, бидејќи човек, се правиш Бог.”

34. Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‘Јас реков: богови сте?’

35. Ако ги наречува богови оние, на кои им беше упатено Божјото Слово - а Писмото не може да биде нарушено -

36. зошто вие Му велите дека хули на Бога Оној, Кого Таткото Го посвети и Го испрати во светот, - зашто реков: ‘Јас Сум Божји Син?’

37. Ако не ги правам делата на Мојот Татко, не верувајте Ми.

38. А ако ги вршам, верувајте им на делата, ако Мене не Ми верувате, за да сознаете и познаете дека Таткото е во Мене и Јас во Него!”

39. Тогаш сакаа пак да Го фатат, но им избега од рацете.

40. И пак отиде преку Јордан, каде што Јован крштаваше отпрвин, и остана таму.

41. И мнозина дојдоа при Него и рекоа: „Јован не направи ниедно чудо, но сè што рече Јован за Него, беше вистина.”

42. И таму мнозина поверуваа во Него.