поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во првиот ден на седмицата, многу рано додека уште беше темнина, Марија Магдалена дојде на гробот и виде дека каменот од гробот е поместен.

2. Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го дигнале Господа од гробот и не знаеме каде Го положиле.”

3. А Петар и другиот ученик излегоа и одеа кон гробот.

4. Имено, и двајцата трчаа заедно; но другиот ученик трчаше побргу од Петра и стигна прв до гробот.

5. Тој се наведна и виде ленени повои, како лежат, но не влезе внатре.

6. По него стигна Симон Петар, па влезе во гробот и ги виде повоите, како лежат;

7. а крпата, што беше на Неговата глава, не беше заедно со повоите, туку беше свиткана одделно, на едно место.

8. Тогаш влезе и другиот ученик - кој стигна прв до гробот - и виде и поверува.

9. Зашто уште не го беа разбрале Писмото, дека Тој треба да воскресне од мртвите.

10. Тогаш учениците пак се вратија дома.

11. А Марија стоеше надвор, при гробот и плачеше; така, додека плачеше, погледна во гробот

12. и виде два ангела, како седат во бели облеки, таму каде лежеше Исусовото тело, едниот кај главата, а другиот при нозете.

13. Тие и рекоа: „Жено, зошто плачеш?” Им рече: „Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле?”

14. Откако го рече тоа, се обѕрна и Го виде Исуса, како стои; но не знаеше дека е Исус.

15. Исус и рече: „Жено, зошто плачеш? Кого Го бараш?” Мислејќи дека е градинарот, таа Му рече: „Господине, ако Го изнесе ти, кажи ми каде Го положи, и јас ќе Го земам!”

16. Исус и рече: „Марија!” Таа се заврти и Му рече: „Равуни!”- што значи: „Учителе!”

17. Исус и рече: „Не допирај Ме, зашто уште не отидов горе при Мојот Татко. Туку оди при Моите браќа и речи им: ‘Се враќам при Мојот Татко и вашиот Татко, при Мојот Бог и вашиот Бог.’

18. Марија Магдалена дојде и им јави на учениците, дека Го видела Господа и дека тоа и рекол.

19. А вечерта, на истиот прв ден на седмицата, додека вратата, каде беа собрани учениците, беше затворена поради страв од Јудејците, Исус дојде, застана насреде и им рече: „Мир вам!”

20. Откако го рече тоа им ги покажа рацете и ребрата. И учениците се зарадуваа, кога Го видоа Господа.

21. Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!”

22. Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух!

23. На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!”

24. А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус.

25. Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!” А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.”

26. А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!”

27. Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!”

28. Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!”

29. Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.”

30. И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава;

31. а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.