поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа Исус одеше по Галилеја; бидејќи не сакаше да оди по Јудеја, зашто Јудејците Го бараа да Го убијат.

2. А наближуваше јудејскиот празник на Сениците.

3. Тогаш Неговите браќа Му рекоа: „Замини оттука и оди во Јудеја, та и Твоите ученици да ги видат делата, што ги вршиш;

4. зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, јави му се на светот.”

5. Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него.

6. Затоа Исус им рече: „Моето време уште не дошло, а вашето време секогаш е подготвено.

7. Светот не може да ве мрази вас; а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него дека неговите дела се зли.

8. Вие отидете горе на празникот; Јас не одам на празников, зашто Моето време уште не се исполнило.”

9. Тоа им го рече и остана во Галилеја.

10. А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно.

11. Но Јудејците Го бараа на празникот и зборуваа: „Каде е Оној?”

12. И многу се зборуваше за Него во народот; едни зборуваа: „Добар е!” а други велеа: „Не, туку го заблудува народот.”

13. Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради стравот од Јудејците.

14. А кога празникот веќе се преполови, Исус отиде во Храмот и поучуваше.

15. Затоа Јудејците се чудеа и велеа: „Како ги познава Овој Писмата - кога не учел?”

16. Тогаш Исус им одговори и рече: „Мојата наука не е Моја, туку на Оној Кој Ме пратил.

17. Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е наукава од Бога, или зборувам Сам од Себе.

18. Кој говори сам од себе - ја бара својата слава; а кој ја бара славата на Оној Кој Го пратил - Тој е вистински; во Него нема неправда.

19. Зар Мојсеј не ви даде Закон? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?”

20. Народот одговори: „Бес е во Тебе; кој сака да Те убие?”

21. Исус во одговор им рече: „Направив едно дело и сите се чудите.

22. Затоа Мојсеј ви го даде обрезанието - не како тоа да е од Мојсеја, туку од татковците, па вие во сабота обрезувате човек.

23. Ако човек се обрезува во сабота - за да не се наруши Мојсеевиот Закон - зошто се лутите на Мене дека исцелив цел човек во сабота?

24. Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!”

25. Тогаш некои од ерусалимците рекоа: „Не е ли Овој Човекот, Кого Го бараат да Го убијат?

26. А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините, дека Тој е навистина Христос?

27. Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е.”

28. Исус пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: „И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум; не дојдов Сам од Себе, туку е вистински Оној, Кој Ме пратил, Кого вие не Го познавате.

29. Јас Го знам, зашто Сум од Него и Тој Ме прати.”

30. Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час.

31. А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, дали ќе направи повеќе чуда, отколку што направи Овој?”

32. Фарисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија служители да Го фатат.

33. Тогаш Исус рече: „Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној, Кој Ме пратил.

34. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде Сум Јас, вие не можете да дојдете.”

35. Тогаш Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој, па да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците?

36. Што значи зборот, што го рече: ‘Ќе Ме барате и нема да Ме најдете;’ и: ‘каде Сум Јас, вие не можете да дојдете?’

37. А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие.

38. Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.”

39. Тоа го рече пак за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; зашто Духот уште не беше слезен, зашто Исус уште не беше прославен.

40. А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: „Овој е навистина Пророкот.

41. Други велеа: „Овој е Христос.” Трети пак прашуваа: „Зар Христос ќе дојде од Галилеја?

42. Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото семе, и од гратчето Витлеем, каде беше Давид?”

43. Така настана раздор во народот заради Него.

44. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.

45. Кога слугите дојдоа при првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?”

46. Служителите одговорија: „Никој никогаш не зборувал така, како што говори Овој Човек.”

47. А фарисеите им одговорија: „Зар сте и вие заблудени?

48. Дали некој од првенците или од фарисеите поверувал во Него?

49. Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот.”

50. Никодим, кој порано отиде при Исуса, а кој беше од нив, им рече:

51. ”Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не разбере што прави?”

52. Тие во одговор му рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не доаѓа од Галилеја.”

53. И секој си отиде во својот дом.