поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 9 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И кога заминуваше виде човек слеп од раѓање.

2. И Неговите ученици Го прашаа: „Рави, кој згрешил, тој или неговите родители, та се родил слеп?”

3. Исус одговори: „Не згрешил ни тој, ниту неговите родители, туку за да се пројават Божјите дела врз него.

4. Ние треба да ги извршуваме делата на Оној, Кој Ме прати, додека е ден; доаѓа ноќ, кога никој не ќе може да работи.

5. Додека Сум во светот, Светлина Сум на светот.”

6. Штом го рече тоа, плукна на земјата, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи,

7. и му рече: „Оди, изми се во бањата Силоам; што значи: „Пратен”. Тој отиде, се изми и дојде прогледан.

8. А соседите и оние, кои го гледаа порано како просјак, велеа: „Зар не е овој, кој седеше и просеше?”

9. Едни велеа: „Тој е;” други велеа: „Не, а личи на него.” Тој велеше: „Јас сум!”

10. Тогаш му рекоа: „Како ти се отворија очите?”

11. Тој одговори: „Човекот, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: „Оди во Силоамската бања и измиј се; јас отидов, се измив и прогледав.”

12. Му рекоа: „Каде е Тој?” Рече: „Не знам.”

13. Го одведоа некогашниот слепец при фарисеите.

14. А беше сабота, кога Исус направи кал и му ги отвори очите.

15. Тогаш пак го прашаа и фарисеите - како прогледал! Тој им рече: „Ми стави кал на очите, се измив и гледам.”

16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Овој Човек не е од Бога, не ја празнува саботата.” Други говореа: „Како може грешен човек да прави такви чудеса?” И настана раздор меѓу нив.

17. Тогаш пак му рекоа на слепиот: „Што велиш ти за Оној, Кој ти ги отвори очите?” А тој рече: „Пророк е!”

18. Но Јудејците не поверуваа дека бил слеп и дека прогледал, додека не ги повикаа родителите на оној, кој прогледал,

19. и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп? Како гледа сега?”

20. Неговите родители одговорија: „Знаеме дека овој е нашиот син, и дека се роди слеп;

21. а како гледа сега, не знаеме; или - кој му ги отвори очите - ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе.”

22. Ова го рекоа неговите родители, зашто се боеја од Јудејците; бидејќи Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата оној, кој ќе Го признае дека е Христос.

23. Заради тоа неговите родители рекоа: „Возрасен е! Прашајте го него!”

24. Тогаш повторно го повикаа човекот, кој беше слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Тој Човек е грешник.”

25. А тој им одговори: „Дали е грешник - не знам; едно знам, дека бев слеп, а сега гледам.”

26. Тогаш му рекоа пак: „Што ти стори? Како ти ги отвори очите?”

27. Им одговори: „Веќе ви реков, и не чувте; што сакате да чуете повторно? Да не сакате и вие да Му станете ученици?”

28. Тие го укорија и рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици.

29. Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеја; а од каде е Овој, не знаеме.”

30. Човекот им одговори и рече: „Тоа е чудното, што вие не знаете од каде е, а ги отвори моите очи.

31. Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку, ако е некој богобојазлив и ја врши Неговата волја, него го слуша.

32. Откако е веков не се чуло некој да отворил очи на слепороден;

33. ако Тој не беше од Бога, не би можел да направи ништо.”

34. Му одговорија и рекоа: „Ти сиот си роден во гревови, и ти ќе нè учиш нас?” И го истераа надвор.

35. Исус чу дека го истерале надвор, го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?”

36. Тој одговори и рече: „А Кој е Тој, Господине, за да верувам во Него?”

37. Исус му рече: „Си Го видел, Кој зборува со тебе - Тој е.”

38. А тој рече: „Верувам Господи”, и Му се поклони.

39. Тогаш Исус рече: „Јас дојдов на овој свет за суд, а да прогледаат кои не гледаат и за да ослепат кои гледаат. „

40. Некои од фарисеите, кои беа со Него, го чуја тоа и Му рекоа: „Да не сме и ние слепи?”

41. Исус им рече: „Да бевте слепи, немаше да имате грев; но сега велите: ‘Гледаме;’ затоа гревот ви останува.”