поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Исус отиде на Маслиновата Гора.

2. А рано наутро пак дојде во Храмот; и сиот народ доаѓаше при Него. Тој седна и ги поучуваше.

3. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа една жена, фатена во прељуба, откако ја поставија насредина,

4. Му рекоа: „Учителе, женава е фатена во самото дело на прељуба.

5. А Мојсеј ни нареди во Законот да ги убиваме со камења таквите; а Ти што велиш?”

6. Тоа го рекоа за да Го искушаат, за да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна и пишуваше со прстот по земјата.

7. Но бидејќи и натаму Го прашуваа, се исправи и им рече: „Кој е од вас безгрешен, нека прв фрли камен врз неа!”

8. И пак се наведна и пишуваше по земјата.

9. А тие, кога го чуја тоа, бидејќи совеста ги убеди, излегуваа еден по еден, почнувајќи од најстарите до последните. И Исус остана Сам со жената, која стоеше насреде.

10. Исус се исправи и и рече: „Жено, каде се? Ниеден ли не те осуди?”

11. Таа одговори: „Ниеден, Господи.” Исус рече: „Ни Јас не те осудувам, оди си и отсега не греши веќе.”

12. Исус пак прозбори натаму, велејќи: „Јас Сум Светлината на светот; кој Ме следи, нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот.”

13. Затоа фарисеите Му рекоа: „Ти сведочиш Сам за Себе Твоето сведоштво не е вистинско.”

14. Исус во одговор им рече: „Иако сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинско, зашто знам од каде дојдов и каде одам, а вие не знаете од каде дојдов и каде одам.

15. Вие судите според телото; Јас не му судам никому.

16. И ако и судам Мојот суд е вистински, зашто не Сум Сам, туку - Јас и Мојот Татко, Кој Ме прати.

17. И во вашиот закон пишува дека сведоштвото на двајца луѓе е вистинско.

18. Јас сведочам за Себе и Мојот Татко, Кој Ме прати, сведочи за Мене.”

19. Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Татко?” Исус одговори: „Не Ме познавате ни Мене ни Мојот Татко; ако Ме познававте Мене, ќе Го познававте и Мојот Татко.”

20. Овие зборови ги кажа, при ризницата, кога поучуваше во Храмот; и никој не Го фати, зашто уште не беше дошол Неговиот час.

21. И Исус им рече пак: „Јас си одам и ќе Ме барате, и ќе умрете во својот грев. Каде одам Јас - вие не можете да дојдете.”

22. Затоа Јудејците рекоа: „Да не се самоубие, зашто вели: ‘Каде одам Јас - вие не можете да дојдете?’”

23. Им рече уште: „Вие сте од долу, Јас Сум одозгора; вие сте од светов, Јас не Сум од светов.

24. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; зашто ако не поверувате дека Сум Јас, ќе умрете во своите гревови.”

25. Тогаш Го прашаа: „Кој си Ти?” Исус им рече: „Имено тоа, кое ви зборувам од почетокот.

26. Имам многу да зборувам и да судам за вас; но вистински е Оној, Кој Ме испрати, и Јас му го кажувам на светот, она, што сум го чул од Него.”

27. Не сфатија дека им зборува за Таткото.

28. Затоа Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Човечкиот Син, тогаш ќе сознаете дека тоа Сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку дека зборувам она што Татко Ми Ме научи.

29. Оној, Кој ме прати, е со Мене; не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.”

30. Кога го зборуваше тоа, мнозина поверуваа во Него.

31. Затоа Исус им рече на Јудејците, кои Му поверуваа: „Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици;

32. и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.”

33. Му одговорија: „Ние сме Авраамово потомство и никогаш никому не сме му робувале; како велиш Ти: ‘Ќе бидете слободни?’

34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот.

35. А робот не останува дома довека; Синот останува довека.

36. И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.

37. Знам дека сте Авраамово потомство; но пак барате да Ме убиете, зашто Моето слово нема место во вас.

38. Јас го зборувам тоа што сум го видел кај Татко Ми. Исто и вие правите што сте чуле од вашиот татко.”

39. Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.” Исус им рече: „Ако бевте Авраамови чеда, ќе ги вршевте Авраамовите дела.

40. А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Авраам не направи така.

41. Вие ги вршите делата на татка си.” Ние не сме родени од блудство; имаме еден Татко - Бог.”

42. Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Татко, ќе Ме љубевте Мене; зашто Јас од Бога излегов и дојдов; и не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати.

43. Зошто не го разбирате Моето зборување? Затоа што не можете да ја слушате Мојата наука.

44. Вие потекнувате од вашиот татко - ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата.

45. Не Ми верувате Мене, зашто ви ја зборувам вистината.

46. Кој од вас Ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не Ми верувате?

47. Кој е од Бога, ги слуша Божјите зборови; затоа вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.”

48. Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли ние право, дека Ти си Самарјанец и дека имаш бес?”

49. Исус одговори: „Јас немам бес, туку Го почитувам Мојот Татко, а вие Ме срамите.

50. Јас не ја барам Мојата Слава; има Кој бара и суди.

51. Вистина, вистина ви велам, ако некој го запази Моето слово, нема да види смрт довека.”

52. Јудејците Му рекоа: „Сега знаеме, дека имаш нечист дух во Тебе. Авраам почина, и пророците исто, а Ти велиш: ‘Ако некој го запази Моето слово, нема да ја вкуси смртта довека.’

53. Зар си Ти поголем од нашиот татко Авраам - кој умре? И пророците умреа. За кого се претставуваш Ти Самиот?”

54. Исус одговори: „Ако Јас се прославувам Самиот Себе, Мојата слава е ништо; Мене Ме слави Мојот Татко, за Кого вие велите дека е ваш Бог.

55. Вие не Го запознавте, а Јас Го познавам. И ако речам дека не Го познавам, ќе бидам лажец како и вас; но Јас Го познавам и го пазам Неговото слово.

56. Авраам, вашиот татко, се радуваше да го види Мојот ден, и го виде и се зарадува.”

57. Јудејците Му рекоа: „Уште немаш педесет години, и Авраама си го видел?”

58. Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам.”

59. Тогаш кренаа камења, за да ги фрлат на Него; но Исус се скри и излезе од Храмот.