поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Стар Завет

Нов Завет

Јован 19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го бичуваше.

2. А војниците исплетоа венец од трња, Му го ставија на главата и Го наметнаа со пурпурна облека,

3. и се приближија до Него и велеа: „Здраво, Јудејски Цару!” И Му удираа плесници.

4. Потоа Пилат излезе пак и им рече: „Еве, Го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во Него.”

5. А Исус излезе надвор, носејќи трнов венец и облека. И Пилат им рече: „Еве Го Човекот!”

6. Но, кога првосвештениците и нивните службеници Го видоа, извикаа, велејќи: „Распни! Распни!” Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам вина во Него.”

7. Јудејците Му одговорија: „Ние имаме Закон и според Законот Тој треба да умре, зашто Сам се направи Божји Син.”

8. А кога Пилат го чу тој збор, уште повеќе се уплаши.

9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исуса: „Од каде си Ти?” Но Исус не му одговори.

10. Затоа Пилат Му рече: „Мене ли не ми зборуваш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам и дека имам власт да Те ослободам?

11. Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној, кој Ме предаде на тебе.”

12. Оттогаш Пилат настојуваше да Го ослободи; но Јудејците викаа, велејќи: „Ако Го ослободиш Овој, не си му пријател на ќесарот; секој кој се прави цар, противник му е на ќесарот!”

13. Штом Пилат ги чу тие зборови, Го изведе Исуса надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Плочник, а на еврејски Гавата.

14. А беше ден на подготовката за Пасха, околу шестиот час, и им рече на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!”

15. Но тие викаа: „Земи, земи! Распни Го!” Пилат им рече: „Да Го распнам ли вашиот Цар?” Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен ќесарот!”

16. Тогаш им го предаде за да биде распнат. Тогаш Го зедоа Исуса.

17. А Тој, носејќи го Својот крст, излезе на местото наречено Лобно, а на еврејски Голгота;

18. каде Го распнаа, и со Него други двајца, од едната и од другата страна, а Исуса во средина.

19. А Пилат напиша и натпис и го стави на крстот; а беше напишано: „Исус Назареец, Јудејски Цар.”

20. Натписот го прочитаа мнозина Јудејци, зашто местото, каде беше распнат Исус, беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, латински и грчки.

21. Тогаш јудејските главни свештеници му рекоа на Пилата: „Не пишувај: ‘Јудејски Цар,’ туку дека Тој рекол: ‘Јудејски Цар Сум.’

22. Пилат одговори: „Што напишав, напишав!”

23. А војниците, откако Го распнаа Исуса, ги зедоа Неговите облеки и ги разделија на четири дела, по еден дел на секој војник, и долната облека. А долната облека не беше шиена, туку целата исткаена одозгора додолу;

24. си рекоа меѓу себе: „Да не ја кинеме, туку да фрлиме жрепка за неа, кому ќе му падне!” за да се исполни Писмото: ‘Ги разделија меѓу себе Моите облеки, и фрлија жрепка за Мојата облека.’ Така постапија војниците.

25. А при Исусовиот крст стоеја мајка Му и сестрата на Неговата мајка, Марија Клопина, и Марија Магдалена.

26. А Исус, штом ја виде мајка си, и покрај неа, ученикот, кого го љубеше, и рече на мајка си: „Жено, ете ти син!”

27. Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!” И од тој час ученикот ја зеде при себе.

28. По ова Исус, знаејќи дека е свршено сè, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден Сум!”

29. Таму имаше сад, полн со оцет; тогаш закачија на трска сунѓер наквасен во оцетот и Му поднесоа до Неговата уста.

30. Штом Исус го прими оцетот, рече: „Се сврши!” па ја наведна главата и го предаде духот.

31. Бидејќи беше ден на Подготовка, Јудејците, за да не останат телата на крстот во сабота - зашто таа сабота беше голем ден - го замолија Пилата да им ги скршат колената и да ги симнат.

32. Затоа војниците дојдоа и им ги скршија нозете на првиот и на вториот, кои беа распнати со Него;

33. и кога дојдоа до Исуса и видоа дека е веќе умрен, не Му ги скршија нозете,

34. туку еден од војниците го прободе со копје меѓу ребрата, и веднаш потече крв и вода.

35. И очевидецот посведочи, и неговото сведоштво е веродостојно, и тој знае дека зборува вистина - за да верувате и вие.

36. Имено, сè ова се случи, за да се исполни Писмото: „Неговата коска нема да се скрши.”

37. А на друго место Писмото вели: „Ќе гледаат на Оној, Кого Го прободоа!”

38. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но таен - заради стравот од Јудејците - го замоли Пилата да го земе Исусовото тело; и Пилат му дозволи. Така дојде и го зеде Неговото тело.

39. А дојде и Никодим, кој за првпат Му дојде ноќе, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.

40. Го зедоа Исусовото тело и го завиткаа, според јудејскиот погребен обичај - во ленено платно со мириси.

41. А на местото, каде беше распнат, имаше градина и во градината нов гроб, во кој уште никој не беше положен.

42. Таму Го положија Исуса, поради јудејското Подготвување, зашто гробот беше близу.