поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Марко 6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус отфрлен во Назарет

1. Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.

2. И кога дојде сабота, Тој почна да поучува во синагогата и мнозина, што слушаа, се чудеа и говореа: „Од каде Нему ова? И каква е оваа мудрост што Му е дадена, та такви чуда стануваат преку Неговите раце?

3. Не е ли Тој дрводелецот, Синот на Марија, брат на Јаков, Јосија, Јуда и Симон? И не се ли овде меѓу нас сестрите Негови?“ И се соблазнија заради Него.

4. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата земја, меѓу роднините и во својот дом.“

5. И не можеше тука да изврши никакво чудо; освен што излекува малку бол­ни, полагајќи ги рацете врз нив.

Исус ги испраќа

6. И се чудеше на нивното безверие. Па одеше по околните села и поучу­ваше.

7. И ги повика дванаесетмината, и почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.

8. Па им заповеда да не земаат ништо за по пат освен по еден стап; ниту торба, ниту леб, ниту пари во појасот.

9. Но да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.

10. И им рече: „Ако влезете негде во куќа, останете во неа, сѐ додека не си отидете оттаму.

11. А ако негде не ве примат, ниту ве послушаат, излегувајќи оттаму, истресете го правот од нозете свои, ним за сведоштво. Вистина ви велам: полесно ќе им биде на Содом и Гомор во судниот ден, отколку на тој град.“

12. Тие појдоа и проповедаа покајание.

13. Изгонуваа многу демони, и многумина болни помазуваа со масло и лекуваа.

Ирод и Исус

14. И цар Ирод слушна за Исус, зашто името Негово беше прочуено, па рече: „Јован Крстител воскреснал од мртвите и затоа стануваат чуда преку него.“

15. Едни велеа: „Илија е!“, а други: „Пророк е, или како еден од проро­ци­те.“

16. А Ирод, штом чу рече: „Тоа е Јо­ван, на кого јас му ја отсеков главата; тој воскреснал од мртвите!“

Смртта на Јован Крстител

17. Бидејќи сам Ирод прати да го фатат Јован, го врза и го фрли во затвор, заради Иродијада, жената на брат му Фи­лип, зашто се ожени со неа.

18. Бидејќи Јован му велеше на Ирод: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на твојот брат!“

19. А Иродијада се озлоби против него и сакаше да го убие, но не можеше.

20. Зашто Ирод се плашеше од Јован, знаејќи дека е тој човек праведен и свет и го пазеше; многу работи вршеше откако ќе го слушне, а со задоволство го слу­ша­ше.

21. И настана погоден ден кога Ирод, по повод својот роденден, им приготви вечера на своите кнезови, војводи и ста­решини Галилејски;

22. и влезе ќерката на Иродијада, иг­ра­ше и им угоди на гостите и на Ирод. То­гаш царот ѝ рече на девојката: „Барај од мене што сакаш и ќе ти дадам!“

23. И ѝ се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, дури и половината од моето царство.“

24. А таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Таа ѝ одговори: „Главата на Јован Крстител!“

25. И таа веднаш влезе кај царот и по­бара, говорејќи: „Сакам уште сега да ми ја дадеш на чинија главата на Јован Крстител!“

26. Царот се натажи, но заради вету­ва­њето и гостите свои не сакаше да от­каже.

27. И веднаш, откако испрати џелат, царот нареди да ја донесат главата негова.

28. А тој отиде, му ја отсече главата во затворот и ја донесе на чинија, па ѝ ја предаде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.

29. Кога неговите ученици слушнаа, дојдоа и го положија во гроб.

Исус нахранува пет илјади луѓе

30. И се собраа апостолите кај Исус, па Го известија за сѐ што направиле и поу­чувале.

31. А Тој им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.“ Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат.

32. И отидоа со кораб сами во осамено место.

33. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите гра­дови тргнаа таму; и ги испреварија и се собраа околу Него.

34. А Исус, кога излезе, виде многу на­род и се смилува над нив, зашто беа ка­ко овци без пастир; и почна да ги по­учу­ва многу.

35. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Пусто е местово, а и доц­на е;

36. распушти ги за да отидат по окол­ни­те села и населби и да си купат леб, зашто нема што да јадат.“

37. Тој им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Да пој­деме и да купиме за двесте денарии леб, па да им дадеме да јадат?“

38. Потоа Тој ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!“ И кога видоа рекоа: „Пет леба и две риби.“

39. Тогаш Исус им рече на сите да по­седнат по групи по зелената трева.

40. И поседнаа во групи по сто и по пе­десет.

41. Тој ги зеде петте леба и двете риби, па, погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите.

42. И јадеа сите и се наситија.

43. И собраа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви.

44. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.

Исус чекори по вода

45. И веднаш ги натера учениците Свои да влезат во кораб и да отидат по­рано од Него на другата страна кон Витсаида, дури Тој не го распушти на­ро­дот.

46. А Тој, одделувајќи се од нив, отиде во гората за да се помоли.

47. Приквечер коработ беше сред мо­рето, а Тој сам на копното.

48. И ги виде како се мачат при пло­ве­њето, зашто ветрот им беше спротивен; а околу четвртата ноќна стража се приближи до нив и, одејќи по морето, сакаше само да помине покрај нив.

49. А тие, кога го видоа како оди по морето, помислија дека е тоа привидение, и почнаа да викаат;

50. Зашто сите Го видоа и се уплашија. Тој веднаш почна да говори со нив и им рече: „Не плашете се! Јас сум, не бојте се!“

51. И влезе кај нив во коработ и ветрот стивна. А тие беа силно запрепастени во себе и зачудени.

52. Зашто не го сфатија чудото со лебовите, бидејќи срцето им беше ска­менето.

53. И кога преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска и се задржаа таму.

54. А штом излегоа од коработ, веднаш Го познаа.

55. Брзо ја обиколија целата таа околија и почнаа на носилки да носат болни таму, каде што слушаа дека Тој се наоѓа.

56. И каде да влегуваше: во цела, во градови или населби – на крстопатите по­лагаа болни и Го молеа да се допрат барем до полата од облеката Негова. И сите што се допираа до Него, оздравуваа.