поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Марко 15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус пред Пилат

1. И веднаш утредента одржаа состаник прво­свеш­тениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, па Го врзаа Исус, Го од­ведоа и Го предадоа на Пилат.

2. А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти велиш.“

3. И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговараше ништо.

4. А Пилат пак Го праша, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Гледаш кол­ку Те обвинуваат!“

5. Но Исус ништо повеќе не одговори, така што Пилат се воодушевуваше.

6. А на секој Празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го по­ба­раа.

7. И имаше некој, по име Варава, во окови заедно со придруж­ни­ците, што во една буна извршиле уби­ство.

8. И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што секогаш го правеше.

9. А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“

10. Зашто знаеше дека прво­свеш­те­ни­ците Го беа предале од завист.

11. Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Ва­ра­ва.

12. Пилат пак им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го нарекувате Цар Јудејски?“

13. Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“

14. Пилат им рече: „Какво зло напра­вил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“

15. Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Ису­са Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.

Исусовите понижувања

16. Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и по­викаа цела чета,

17. па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;

18. и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“

19. И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, па­ѓајќи на колена.

20. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.

Исусовото распнување

21. И го натераа еден минувач, некој си Симон Ки­ри­неец, таткото на Алексан­дар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.

22. Па Го доведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.

23. И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.

24. И откако Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе.

25. Беше третиот час, и Го распнаа.

26. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“

27. А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната, а дру­ги­от од левата Негова страна.

28. И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу беззаконици Го ставија.“

29. А минувачите, вртејќи глава, Го ху­леа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,

30. спаси се Себеси и слези од крстот!“

31. Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси!

32. Христос, Царот израилев, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.

Исусовата смрт

33. А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.

34. И во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Елои, Елои, Лама са­вах­та­ни?“ А тоа значи: „Боже Мој, Бо­же Мој, зошто Ме остави?“

35. Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“

36. А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му да­ваше да пие, велејќи: „Почекајте да ви­диме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“

37. А Исус испушти силен глас и из­див­на.

38. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу.

39. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“

40. Имаше и жени што гледаа одда­ле­ку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на Јаков Малиот и на Јосија, и Саломија,

41. кои и тогаш, кога Тој беше во Га­ли­леја, врвеа по Него и Му служеа, и мно­гу други што беа дошле со Него во Еру­салим.

Исусовото погребување

42. А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота,

43. дојде Јосиф од Ариматеја, угледен советник, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово.

44. Пилат се зачуди дека Тој веќе ум­рел; и откако го повика стотникот, го пра­ша дали одамна умрел.

45. Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф.

46. А Јосиф купи плаштаница, Го сим­на и Го обви во плаштаницата и Го по­ложи во гроб, што беше издлабен во карпа и на­вали камен на гробната вра­та.

47. А Марија Магдалена и Марија Јо­сиева гледаа каде Го полагаат.