поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14

Стар Завет

Нов Завет

Захарија 1 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во осмиот месец на втората Дариева година му дојде Господово слово на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов.

2. „Господ се разгневи тешко на вашите татковци!

3. Затоа речи им: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Вратете се кај Мене и Јас ќе се вратам кај вас - говори Господ над Војските.

4. Не бидете како вашите татковци, кои ги повикуваа некогашните пророци, велејќи: ‘Господ над Воинствата вели вака: „Вратете се од Своите лоши патишта и од лошите дела.”‘ Ама тие не слушаа ниту пазеа на Мене - зборува Господ.

5. Каде се сега вашите татковци? Зар ќе живеат довека пророците?

6. Ама Моите зборови и одредби, што им ги наложив на Своите слуги пророците, не ги стигнаа ли вашите татковци?” Тие се обратија и признаа: ‘Господ над Војските направи со нас како што намислил да направи според патиштата и нашите дела.’ „‘“

7. Во дваесет и четвртиот ден, на единаесеттиот месец, а тоа е месецот Сават, во втората Дариева година, Господовото слово му дојде на пророкот Захарија, синот Варахиин, синот Идов.

8. Имав видение ноќе. Ете, човек јава на жолтоцрвеникав коњ меѓу миртови дрва што имаат длабоки корења, а зад него лисести коњи, костенливи и бели.

9. Прашав: „Кои се овие мој господару?” Ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Јас ќе ти покажам кои се.”

10. Човекот кој стоеше меѓу миртовите дрва одговори: „Ова се оние кои ги испрати Господ за да ја обиколуваат земјата.”

11. Тие му се обратија на Господовиот ангел, кој стоеше меѓу миртовите дрва и рекоа: „Ја обиколуваме земјата, и ете: сета земја почива и мирува.”

12. Тогаш Господовиот ангел проговори и рече: „Господи над Воинствата, кога веќе еднаш ќе им се смилуваш на Ерусалим и на јудејските градови, на кои веќе седумдесет години им се гневиш луто?”

13. А Господ му одговори со утешни зборови на ангелот, кој зборуваше со мене.

14. И ангелот кој зборуваше со мене ми рече: „Објави го ова: ‘Господ над Воинствата зборува вака: „Со ревнива љубов горам по Ерусалим и за Сион,

15. а со голем гнев пламнувам на гордите народи, зашто кога малку се разгневив, тие ја поминаа мерката.”

16. Затоа Господ зборува вака: „Му се враќам на Ерусалим со милосрдие; пак ќе го изградам во него Мојот Дом - говори Господ над Војските - и пак во Ерусалим ќе се оптегнува мерачко јаже.”‘

17. „Порачај го уште ова: ‘Моите градови пак ќе се прелеваат со изобилство, и Господ ќе го утеши Сион, ќе го избере Ерусалим.”‘“

18. Ги подигнав очите и видов. И ете: четири рога.

19. Го прашав ангелот кој зборуваше со мене: „Што е ова?” Тој ми одговори: „Тоа се рогови што ги распрснаа Јуда, Израел и Ерусалим.”

20. Тогаш Господ ми покажа четири ковачи.

21. А јас прашав: „Што дојдоа овие да работат?” Тој ми одговори: „Она се роговите што го раскинаа Јуда, та никој веќе не се осмелува да дигне глава; а овие дојдоа за да ги исплашат, и да им ги скршат роговите на народите кои подигаа рог против Јудината Земја, за да ја распрснат.”