поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14

Стар Завет

Нов Завет

Захарија 8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И ми дојде Господово слово:

2. „Господ над Воинствата зборува вака: ‘Изгорувам со ревносна љубов за Сион и со голем гнев пламнувам за него! Се враќам во Сион, сакам да живеам сред Ерусалим.’

3. Господ над Војските зборува вака: ‘Ерусалим ќе се вика Град на вистина и Гората на Господа над Војските, Гора на светост.’

4. Господ над Војските зборува вака: ‘Старците и старичките пак ќе седнат по ерусалимските раскрсници, секој со стап во раката заради преголемата старост.

5. А градските улици ќе се исполнат со момчиња и девојчиња, кои ќе играат по неговите улици.’

6. Господ над Воинствата зборува вака: ‘Ако тоа биде чудо во очите на Остатокот во тие денови, зар ќе биде тоа чудо и во Моите очи - говори Господ над Војските.

7. Господ над Војските зборува вака: ‘Еве ќе го спасам Мојот народ од Источната Земја и од земјата на сончевиот запад.

8. Јас ќе ги доведам за да се населат сред Ерусалим и ќе Ми бидат народ, а Јас ќе им бидам Бог во вистина и во правда.’

9. Господ над Војските зборува вака: ‘Нека ви зајакнат рацете вам кои во овие денови ги слушате зборовите од устата на пророците, кои пророкуваа од денот кога беа положени основите на Домот на Господа над Воинствата за да се изгради пак Светилиштето.

10. Зашто, пред тие денови немаше надница ни за човекот, ниту надница за животинчето; ниту имаше мир од непријателот за оној кој излегуваше, ни за оној кој влегуваше; ги пуштав луѓето едни против други.

11. Но сега, нема да бидам спрема Остатокот на народот како во минатите денови - слово е на Господа над Војските -

12. туќу ќе испратам мир: лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса. Сè тоа ќе му го дадам на Остатокот на овој народ.

13. И како што бевте проклетство меѓу народите, Јудин доме, и Израелев доме, така ќе ве спасам за да бидете благослов! Не бојте се, нека ви бидат силни рацете!’

14. „Зашто Господ над Војските зборува вака: ‘Како што намислив да ве казнам вас кога ме разгневија вашите татковци - зборува Господ над Војските - не се покајав,

15. така, сменувајќи ја намислата, во овие денови мислам да им направам добро на Ерусалим и Јудиниот дом. Не бојте се!

16. А ова треба да го правите: Зборувајте вистина еден на друг; судете справедливо и мирољубиво при градските врати!

17. Не мислете зло во срцето еден на друг; не љубете ја лажната заклетва. Зашто Јас го мразам сè тоа,’ - слово е Господово!”

18. Ми дојде слово на Господа над Воинствата:

19. „Господ над Војските зборува вака: ‘Постот на четвртиот, постот на петтиот, постот на седмиот и постот на десеттиот месец ќе станат радост, веселба и радосни празници за Јудиниот дом. Но љубете ги вистината и мирот!’

20. Господ над Војските зборува вака: ‘Уште ќе доаѓаат народи и жители на многу градови.

21. Жителите на еден град ќе одат во друг, велејќи: „Ајде да одиме да Го молиме Господовото лице и да Го бараме Господа над Воинствата! Ќе одам и јас!”

22. И ќе дојдат многу луѓе и силни народи ќе Го бараат Господа над Воинствата во Ерусалим и ќе го молат Господовото лице.’

23. Господ над Војските зборува вака: ‘Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: „Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас.”‘“