1. А по саботата, на осамнување на првиот седмичен ден, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот.
2. И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го одмести каменот и седна на него.
3. А лицето му светеше како молња, а неговата облека - бела како снег.
4. Од страв пред него, стражарите трепереа и станаа како мртви.
5. Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: „Вие не бојте се! Зашто знам дека Го барате распнатиот Исус.
6. Го нема тука, зашто воскресна, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше,
7. и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите и - ете - Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!”
8. И тие излегоа веднаш од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици.
9. И ете, Исус ги пресретна и рече: „Здраво!” А тие се приближија при Него, Му се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија.
10. Тогаш Исус им рече: „Не бојте се! Одете и соопштете им на Моите браќа, да отидат во Галилеја; и таму ќе Ме видат.”
11. А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало.
12. И се состанаа со старешините, и се советуваа, и им дадоа на војниците многу сребреници
13. и им рекоа: „Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме.
14. И ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и ќе ве направиме да немате грижа.”
15. А тие ги зедоа сребрениците и постапија, како што ги подучија. И тоа слово се разгласи меѓу Јудејците до денес.
16. А Единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус.
17. И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа.
18. Тогаш Исус им се приближи и им рече: „Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата.
19. Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух! Учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал!
20. И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!”