поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Матеј 25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Тогаш Небесното царство ќе биде како десет девици, кои ги зедоа своите светилници и му излегоа во пресрет на младоженецот.

2. Петте од нив беа неразумни, а петте мудри.

3. Зашто неразумните зедоа со себе светилки, но не зедоа масло;

4. а мудрите зедоа масло, во садовите, со своите светилници.

5. Бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

6. А на полноќ се чу викање: ‘Еве го младоженецот, излезете му во пресрет!’

7. Тогаш сите оние девици станаа и ги приготвија своите светилки.

8. А неразумните им рекоа на мудрите: ‘Дајте ни од вашето масло, зашто нашите светилници ни гаснат.’

9. Но мудрите им одговорија и рекоа: ‘За да не биде малку и за нас и за вас, отидете кај трговците и купете си!’

10. Кога отидоа да купат, младоженецот дојде и спремните влегоа со него на свадбата, и вратата се затвори.

11. А потоа дојдоа и другите девици и рекоа: ‘Господаре, господаре, отвори ни!’

12. Но тој им одговори и рече: ‘Вистина ви велам - не ве познавам!’

13. И така - бдејте, зашто не го знаете ни денот ни часот!”

14. ”Зашто ќе дојде како човек, кој - тргнувајќи на пат - ги повика своите слуги и им го предаде својот имот,

15. и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според неговата способност, и отпатува.

16. Оној, кој прими пет таланти, веднаш отиде, и тргуваше со нив и спечали други пет.

17. Исто така, и оној со двата таланти, спечали други два.

18. А оној, кој прими еден отиде, ископа во земјата и го сокри среброто на својот господар.

19. По долго време, дојде господарот на тие слуги и ја прегледа сметката со нив.

20. И кога пристапи оној, кој примил пет таланти, донесе други пет таланти и рече: ‘Господаре, ми предаде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.’

21. Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’

22. А кога пристапи оној, кој примил два таланта, рече: ‘Господаре, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.’

23. Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’

24. А кога пристапи оној, кој примил еден талант, рече: ‘Господаре, знаев дека си ти строг човек, жниеш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел;

25. се исплашив, отидов и го скрив твојот талант во земјата. Еве, го имаш своето!’

26. А неговиот господар одговори и рече: ‘Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнијам, каде што не сум сеел и дека собирам, каде што не сум веел;

27. затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас - по враќањето - ќе го земев моето со добивка.

28. Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној, кој има десет таланти!

29. Зашто секому, кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној, кој нема, ќе му се одземе и она што го има.

30. А неполезниот слуга исфрлете го во крајна темнина; каде ќе биде плач и чкртање со заби.’”

31. ”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава;

32. и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците.

33. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата.

34. Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!

35. Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте;

36. бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’

37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме?

38. Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме?

39. Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе?

40. А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’

41. Тогаш ќе им рече и на оние од левата страна: ‘Одете си од Мене, проклети, во вечниот оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели!

42. Зашто огладнев и не ми дадовте да јадам; ожеднев и не Ми дадовте да пијам,

43. бев странец и не Ме примивте; бев гол и не Ме облековте; бев болен и во темница и не Ме посетивте.’

44. Тогаш тие ќе одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден или како странец, или гол или болен или во темница, и не Те послуживме?’

45. Тогаш ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку не му направивте на еден од овие најмали, ни Мене не Ми направивте!’

46. И овие ќе отидат во вечна мака, а праведниците во вечен живот.”