поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Матеј 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост.

2. А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован,

3. Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј,

4. Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.

5. Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните;

6. туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом.

7. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно.

8. Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте.

9. Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси;

10. ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана.

11. А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него.

12. А кога ќе влезете во домот, поздравете го.

13. И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам.

14. И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе.

15. Вистина ви велам, полесно ќе и биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.”

16. ”Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби.

17. Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги.

18. Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите.

19. А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете;

20. зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас.

21. А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат.

22. И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.

23. Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.”

24. ”Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар.

25. Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни!

26. Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае.

27. Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите.

28. И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеколот.

29. Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко.

30. А вам ви се изброени дури и влакната на главата.

31. И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.”

32. ”И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.

33. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.”

34. ”Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч.

35. Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва,

36. и непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни.

37. Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене;

38. и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене.

39. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.”

40. ”Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил.

41. Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда.

42. Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.”