поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Матеј 16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И фарисеите и садукеите дојдоа, и искушувајќи Го, побараа да им покаже знак од небото.

2. Но Тој одговори и им рече: „Кога се свечерува, велите: ‘Ќе биде ведро, зашто небото е црвено;’

3. а наутро: ‘Денес ќе има бура, зашто небото е црвено и замрачено. ’Лицемери, знаете навистина да го просудувате лицето на небото, а знаците на времињата не можете!

4. Лукаво и прељуботворно поколение бара знак, и нема да му биде даден знак, освен знакот на Јона пророкот.” И ги остави и си отиде.

5. И Неговите ученици преминаа на другата страна и заборавија да земат леб.

6. Исус им рече: „Внимавајте и чувајте се од фарисејскиот и садукејскиот квас!”

7. И тие расправаа помеѓу себе, велејќи: „Тоа е што не зедовме леб.”

8. А Исус знаејќи го тоа им рече: „Маловерни, зошто расправате помеѓу себе, дека не зедовте леб?

9. Уште ли не разбирате и не помните за петте лебови на пет илјади и колку кошеви подигнавте?

10. Ни за седумте лебови на четири илјади и колку кошеви подигнавте?

11. Како не разбирате, дека не заради леб ви реков да се чувате од фарисејскиот и садукејскиот квас?”

12. Тогаш разбраа дека не им рече да се чуваат од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.

13. А кога Исус дојде во околината на Кесарија Филипова, ги праша Своите ученици и рече: „Што велат луѓето, Кој е Синот Човечки?”

14. А тие рекоа: „Едни велат дека е Јован Крстител; други Илија, а други пак Еремија или еден од пророците.”

15. Тој им рече: „А вие што велите, Кој Сум Јас?”

16. Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Син на живиот Бог.”

17. Исус одговори и му рече: „Блажен си, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Татко, Кој е во небесата.

18. И Јас ти велам, дека ти си Петар, и на тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква, и портите на пеколот нема да надвладеат наспроти неа.

19. И ќе ти ги дадам клучевите на царството небесно, и што и да сврзеш на земјата, ќе се појави веќе сврзано во небото; и што и да разврзеш на земјата, ќе биде веќе разврзано во небото.”

20. Тогаш им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, дека Тој е Исус Христос.

21. Оттогаш Исус почна да им покажува на Своите ученици, дека беше потребно за Него да замине за Ерусалим и да пострада многу од старешините, главните свештеници и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

22. А Петар Го зеде настрана и почна да Го кори, велејќи: „Бог да е милостив кон Тебе, Господи; тоа никогаш нема да Ти се случи!”

23. А Тој се сврте и му рече на Петра: „Бегај зад Мене, сатано! Ти си Ми пречка, зашто мислиш не за она, што е Божјо, туку за она, што е човечко.

24. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себеси и нека го подигне својот крст и нека Ме следи.

25. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја изгуби; но кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.

26. Зашто, каква полза ќе има човек ако го придобие целиот свет, а на својата душа и напакости? Или што ќе даде човек во замена за својата душа?

27. Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Татко, со Своите ангели, и тогаш ќе му даде награда на секого според неговите дела.

28. Вистина ви велам: дека меѓу оние, кои стојат тука, има некои, кои никако нема да ја вкусат смртта додека Го видат Синот Човечки да доаѓа во Своето царство.”