поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Матеј 5 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кога виде многу народ, се искачи на гората; и, откако седна, Му пристапија Неговите ученици,

2. и кога ја отвори Својата уста ги поучуваше, велејќи:

3. ”Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно!

4. Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени!

5. Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!

6. Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат!

7. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!

8. Блажени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога!

9. Блажени се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови Божји!

10. Блажени се оние кои се гонети заради правда, зашто е нивно царството небесно!

11. Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене.

12. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас.

13. Вие сте солта на земјата, но ако солта стане блуткава, со што ќе се осоли? Веќе нема сила за ништо, освен да биде фрлена надвор и луѓето да ја изгазат.

14. Вие сте светлината на светот. Град кој лежи на рид, не може да се скрие;

15. ниту се пали светило, за да се стави под житно мерило, туку на светилник, и им свети на сите кои се во куќата.

16. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.”

17. ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам.

18. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.

19. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно;

20. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.”

21. ”Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’

22. А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец”, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник”, ќе биде виновен за во огнениот пекол.

23. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе,

24. остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар.

25. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница.

26. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.”

27. ”Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’

28. А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце.

29. Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.

30. И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот.

31. ”Исто така било речено: ‘Кој ќе ја остави својата жена, нека и даде разводно писмо.’

32. А Јас ви велам дека секој, кој ја остава својата жена, освен за прељуба, ја прави да врши прељуба, и кој се оженува со така напуштена, врши прељуба.”

33. ”Уште сте чуле, дека им било речено на старите: ‘Не нарушувај ја клетвата, а исполнувај ги пред Господа своите клетви.’

34. А Јас ви велам: не колнете се никако; ниту во небото, зашто е Божји престол;

35. ниту во земјата, зашто е подножје на Неговите нозе; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.

36. Не ќе се колниш ни во својата глава, зашто не можеш ниедно влакно да го направиш бело или црно!

37. Туку вашиот збор нека биде: ‘да’, да - ‘не’, не! Што е повеќе од тоа, од лукавиот е.”

38. ”Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’

39. А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот.

40. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката.

41. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него.

42. Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем.”

43. ”Сте чуле дека било речено: ‘Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател’.

44. А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат;

45. за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е во небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните.

46. Зашто ако ги љубите оние, кои ве љубат вас, каква награда имате? Зар и цариниците не го прават тоа исто?

47. И ако ги поздравувате само своите браќа; што правите особено?Зар не го прават истото и цариниците?

48. И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко.”