поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Матеј 22 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи:

2. ”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си,

3. и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат.

4. Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’

5. А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија;

6. а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија.

7. А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот.

8. Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни.

9. Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’

10. И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости.

11. А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека.

12. И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше.

13. Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’

14. Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!”

15. Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор.

16. И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето.

17. И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?”

18. А Исус, го разбра нивното лукавство и рече:

19. ”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј.

20. И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?”

21. Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!”

22. И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.”

23. Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:

24. ”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’

25. А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си.

26. Така и вториот, и третиот, сè до седмиот;

27. а по сите умре и жената.

28. И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!”

29. А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила.

30. Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото.

31. А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели:

32. ”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!”

33. И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука.

34. А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно,

35. и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го:

36. ”Учителе, која е големата заповед во Законот?”

37. А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!”

38. Тоа е најголемата и прва заповед;

39. а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”

40. На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”

41. А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша:

42. ”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.”

43. Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи:

44. ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’?

45. И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?”

46. И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.