поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус исцелува слепороден човек

1. Минувајќи, виде еден човек, слеп од раѓање.

2. Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил – тој или родителите негови, та се родил слеп?“

3. Исус одговори: „Ниту тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.

4. Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е ден; настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.

5. Додека сум во светот, Јас сум Светлина на светот.“

6. Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,

7. и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам!“, што значи: „Испратен“. Тој отиде, се изми и дојде гледајќи.

8. А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?“

9. Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него.“ Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.“

10. Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?“

11. Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.“

12. Пак го прашаа: „Каде е Тој?“ Тој рече: „Не знам.“

Фарисеите го испитуваат

13. Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.

14. А беше сабота кога направи Исус кал и му ги отвори очите.

15. Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?“ Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите, се измив и сега гледам.“

16. Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој човек, штом не ја запазува саботата.“ Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чуда?“ И настана расправија меѓу нив.

17. Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за оној што ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“

18. Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа,

19. и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“ Па, како сега гледа?

20. Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп;

21. но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“

22. Ова го рекоа неговите родители, бидејќи се плашеа од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос.

23. Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“

24. Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“

25. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“

26. Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“

27. Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“

28. А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици!

29. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“

30. Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите!

31. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.

32. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.

33. И ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“

34. Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор.

Духовно слепило

35. Исус чу дека го истерале надвор, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“

36. Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?“

37. Исус му рече: „Си Го видел, токму Оној е кој зборува со тебе!“

38. А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони.

39. И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат, а оние што гледаат, да станат слепи.“

40. Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „Зар и ние сме слепи?“

41. Исус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.“