поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Празниот Исусов гроб

1. Во првиот ден од седмицата Марија Магдалена дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен.

2. Тогаш отрча и дојде кај Симон Петар и кај другиот ученик, кого Исус го љубеше, и им рече: „Го земале Господа од гробот и не знам каде Го положиле.“

3. Тогаш излезе Петар и другиот ученик, и појдоа кон гробот.

4. И обајцата трчаа заедно, но другиот ученик трчаше побргу од Петар и прв дојде до гробот.

5. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе.

6. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои;

7. а крпата, што Му беше на главата негова, не стоеше кај повојот, туку одделно, свиткана на едно место.

8. Тогаш влезе и другиот ученик, кој прв дојде до гробот, и виде, и поверува,

9. зашто уште не го знаеја Писмото дека Тој треба да воскресне од мртвите.

10. Тогаш учениците се вратија дома.

Исус ѝ се јавува

11. А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот;

12. и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово.

13. Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го земале Господа мој и не знам каде Го положиле!“

14. Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исуса како стои; но не знаеше дека е Исус.

15. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“

16. Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“

17. И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“

18. Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.

Исус им се јавува на Своите ученици

19. А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“

20. И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.

21. А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“

22. И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети!

23. На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“

Исус и неверниот Тома

24. А Тома, еден од дванаесетмината, наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус.

25. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“

26. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана меѓу нив и рече: „Мир вам!“

27. Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверник, туку верник!“

28. Одговори Тома и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“

29. Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“

Целта на оваа книга

30. И многу други чуда изврши Исус пред учениците Свои, што не се запишани во оваа книга.

31. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Христос, Син Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.