поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Смртта на Лазар

1. Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од селото на Марија и нејзината сестра Марта.

2. А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.

3. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.“

4. Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“

5. А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра, и Лазар.

6. А кога чу дека е болен, тогаш остана уште два дни во местото каде што се наоѓаше.

7. Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“

8. Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?“

9. Исус одговори: „Нели има дванаесет часови во денот? Кој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет;

10. а кој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него.“

11. Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но одам да го разбудам.“

12. Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.“

13. Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.

14. Тогаш Исус рече отворено: „Лазар умре!

15. Но се радувам заради вас што не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме кај него.“

16. Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.“

Исус е воскресение и живот

17. Кога дојде Исус, откри дека тој веќе четири дена е во гроб.

18. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;

19. и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за нивниот брат.

20. Кога чу Марта дека доаѓа Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.

21. Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре.

22. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“

23. Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне!“

24. Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.“

25. А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.

26. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“

27. Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“

Исус просолзува

28. Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“

29. Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него;

30. зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше дочекала Марта.

31. Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.

32. А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“

33. Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се потресе,

34. па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“

35. Исус просолзи.

36. Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал!“

37. Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“

Воскреснувањето на Лазар

38. А Исус пак се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.

39. Рече Исус: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“

40. Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“

41. Тогаш го дигнаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам што Ме услиши.

42. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“

43. Кога го рече ова, извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“

44. излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете; а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“

Заговор против Исуса

45. Тогаш мнозина од Јудејците што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

46. Некои од нив отидоа кај фарисеите и им рекоа што направи Исус.

47. Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда.

48. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.“

49. А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете,

50. ниту помислувате дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.“

51. А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;

52. и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените Божји чеда.

53. Од тој ден се согласија да Го убијат.

54. Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.

55. А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасха, за да се очистат.

56. Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?“

57. А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.