поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Жена фатена во прељуба

1. А Исус отиде на Маслиновата Гора.

2. Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше кај Него. А Тој седна и ги поучуваше.

3. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа кај Него жена фатена во прељубодејство; ја поставија насреде и

4. Му рекоа: „Учителе, оваа жена е фатена во прељубодејство на дело.

5. А Мојсеј во Законот ни заповеда таквите да ги каменуваме; Ти, пак, што велиш?“

6. Тоа го рекоа за да Го искушаат и да имаат за што да Го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува во земјата, не гледајќи ги.

7. Кога продолжија да го прашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“

8. И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.

9. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните: останаа само Исус и жената, која стоеше насреде.

10. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“

11. А таа рече: „Никој, Господи.“ Тогаш Исус ѝ рече: „Ниту Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“

Исус е Светлината на светот

12. И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“

13. Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинито.“

14. Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам.

15. Вие судите по телото, Јас не судам никому.

16. И ако судам Јас, Мојот суд е вистинит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.

17. А и во законот ваш е напишано дека сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно.

18. Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“

19. Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме знаете ниту Мене, ниту Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“

20. Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.

Исусовото заминување и опомената

21. Пак им рече Исус: „Јас си одам, а вие ќе Ме барате и во својот грев ќе умрете. Каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете.“

22. Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете?“

23. И им рече: „Вие сте од долу, а Јас сум од горе: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.

24. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; бидејќи, ако не поверувате дека Јас Сум Тој, ќе умрете во гревовите свои.“

25. Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им одговори: „Почеток, како што и ви велам.

26. Многу имам за вас да зборувам и да судам; но, Оној што Ме прати е вистинит и она што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.“

27. Но не разбраа дека им говореше за Отецот.

28. А Исус им рече: „Кога ќе Го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе сфатите дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.

29. Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.“

30. Кога Тој го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.

Кој е навистина слободен?

31. Тогаш Исус им говореше на оние Јудејци, што беа поверувале во Него: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;

32. и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“

33. Му одговорија и рекоа: „Ние сме семе Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни?‘“

34. Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.

35. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.

36. И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.

37. Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.

38. Јас го кажувам она што сум го видел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот татко.“

39. Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.“ Исус им рече: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте делата Авраамови.

40. А сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше.

41. Вие ги вршите делата на својот татко.“ А тие Му рекоа: „Ние не сме родени од блудство; еден Отец имаме – Бог.“

42. Но Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Отец, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бога. Зашто не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати.

43. Зошто не ги разбирате Моите зборови? Затоа што не можете да ги слушате поуките Мои.

44. Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата.

45. А бидејќи Јас вистината ви ја кажувам, не Ми верувате.

46. Кој од Вас може да Ме обвини за грев? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?

47. Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.“

48. Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека демон има во Тебе?“

49. Исус им одговори: „Во Мене нема зол дух, туку Го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.

50. Но Јас не барам Своја слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди.

51. Вистина, вистина ви велам; кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.“

52. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека демон има во Тебе: Авраам умре, и пророците, а ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.

53. Да не си Ти поголем од нашиот татко Авраам, кој умре? И пророците умреа; а за кого се сметаш Себе си?“

54. Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Оној Кој ме прославува е Мојот Отец, за Кого вие велите дека е ваш Бог;

55. но не Го познавате, а Јас, пак, го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажго како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.

56. Авраам, таткото ваш, се радуваше да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.“

57. Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години – а си го видел Авраам!?“

58. Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.“

59. Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од храмот, поминувајќи меѓу нив; и така замина.