поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Воскреснатиот Исус им

1. Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:

2. беа заедно Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, Заведеевите синови и двајца други од учениците Негови.

3. Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дојдеме со тебе.“ Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија.

4. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не го познаа дека е Исус.

5. Исус им рече: „Чеда, имате ли нешто за јадење?“ Му одговорија: „Не.“

6. А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!“ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.

7. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петар: „Тоа е Господ!“ А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – зашто беше необлечен, и се фрли во морето.

8. А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.

9. Кога пак излегоа на брегот, видоа наложен оган, и на него ставена риба и леб.

10. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“

11. А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.

12. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ.

13. Исус пријде, зеде леб и им даде, исто така и риба.

14. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите.

Разговор меѓу Исус и Петар

15. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“

16. Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“

17. И по третпат му рече: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!

18. Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што нејќеш.“

19. А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе го прослави Бог. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“

Омилениот ученик и сведоштвото кое останува

20. А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној кого Исус посебно го сакаше и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и прашуваше: „Господи, кој ќе Те предаде?“

21. Штом го виде Петар него, Му рече на Исус: „Господи, а овој, пак, зошто?“

22. Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека да дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!“

23. И се пренесе овој збор меѓу браќата дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека дојдам, тебе што ти е?“

24. Тој е ученикот кој сведочи за овие нешта и кој го напиша ова; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско.

25. А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!