поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исус е приведен

1. И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови.

2. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.

3. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, и со светила и со оружје.

4. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“

5. Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде.

6. А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.

7. Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“

8. Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“

9. за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“

10. А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвеш­те­никот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.

11. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“

Исус пред Ана

12. Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исуса и Го врзаа.

13. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.

14. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.

Петровото одрекување

15. По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.

16. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар.

17. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“

18. А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. А и Петар беше со нив, стоеше и се грееше.

Исусовото сослушување

19. Првосвештеникот, пак, Го праша Исуса за учениците Негови и за Неговото учење.

20. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував во синагогата и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.

21. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“

22. Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“

23. Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“

24. Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа.

Петар повторно се одрекува

25. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“

26. Еден од слугите на првосвеште­ни­кот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“

27. А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.

Исус пред Пилат

28. И Го поведоа Исуса од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.

29. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „Какво обвинение изнесувате против Овој Човек?“

30. Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“

31. А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,

32. за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.

33. Тогаш Пилат повторно влезе во преторијата, па Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“

34. Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“

35. Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“

36. Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би се бореле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“

37. А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“

Исус е осуден на смрт

38. Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.

39. Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?“

40. И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.