поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 5 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Исцелувањето на болен човек во бањата Витезда

1. Потоа беше еден празник јудејски, и се искачи Исус во Ерусалим.

2. А во Ерусалим, кај Овчата порта, има бања, по еврејски наречена Витезда, со пет тремови.

3. Во нив лежеа мнозина болни, слепи, куци, исушени, кои очекуваа да се раздвижи водата,

4. зашто одвреме навреме во бањата слегуваше ангел Господов и ја раздвижуваше водата; и кој прв ќе влезеше по придвижувањето на водата, оздравуваше од каква било болест да боледуваше.

5. Имаше таму и еден човек кој боледуваше триесет и осум години.

6. Кога Исус го виде како лежи, знаејќи дека многу години боледува, му рече: „Сакаш ли да оздравиш?“

7. Болниот Му одговори: „Господи! Немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека јас да дојдам, друг слегува пред мене.“

8. Исус му рече: „Стани, земи ја постелката своја и оди си!“

9. И веднаш оздраве човекот, ја зеде постелката своја и одеше. А тој ден беше сабота.

10. Заради тоа Јудејците Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја носиш својата постелка!“

11. Но тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: ‚Земи ја постелката своја и оди!‘“

12. А тие го прашаа: „Кој е тој човек што ти рече: ‚Земи ја постелката своја и оди?‘“

13. Но исцелениот не знаеше кој е, зашто Исус се беше оддалечил бидејќи на тоа место имаше многу народ.

14. Подоцна Исус го сретна во храмот и му рече: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“

15. А човекот отиде и им кажа на Јудејците дека Исус е Оној што го излекувал.

16. И затоа Јудејците Го гонеа Исуса и сакаа да го убијат, зашто тоа го вршеше во сабота.

17. А Исус им одговараше: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам.“

18. Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.

Исусовата власт

19. А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; бидејќи она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот.

20. Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.

21. Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.

22. Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;

23. та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, Кој Го пратил.

24. Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.

25. Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат.

26. Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;

27. и Му даде власт и да суди, зашто Тој е Синот Човечки.

28. Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји,

29. и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување.

Сведочење за Исуса

30. Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, зашто не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати.

31. Ако Јас сведочам Сам за Себе, сведоштвото Мое нема да биде вистинито.

32. Но има Друг што сведочи за Мене; и знам дека е вистинито тоа сведоштво со кое Тој сведочи за Мене.

33. Вие пративте кај Јован и тој ви посведочи за вистината.

34. Не дека Јас примам сведоштво од човек; туку ова го кажувам за да се спасите вие.

35. Тој беше светило што гори и свети, а вие сакавте да се порадувате на неговата светлина за кратко време.

36. Но Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот.

37. И Отецот, Кој Ме прати, Сам посведочи за Мене. А вие ни гласот Негов никогаш не сте го чуле, ниту лицето Негово сте го виделе.

38. И зборовите Негови не се во вас, зашто не верувате во Оној кого Го пратил Тој.

39. Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен; а токму тие сведочат за Мене.

40. Но не сакате да дојдете кај Мене за да имате живот.

41. Од луѓе слава не примам,

42. но Јас ве познавам дека во себе љубов Божја немате.

43. Јас дојдов во името на Мојот Отец и не Ме примате; а некој друг, ако дојде во свое име, него ќе го примите.

44. Како можете вие да поверувате кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?

45. Немојте да мислите дека Јас ќе ве обвинувам пред Отецот; има кој да говори против вас – Мојсеј, на кого вие се надевате.

46. Зашто, ако му бевте верувале на Мојсеј, и Мене ќе Ми поверувавте, зашто тој пишуваше за Мене.

47. Ако, пак, на неговите Писанија не поверувавте, како тогаш ќе им поверувате на Моите зборови?“