поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Нов Завет

Евреите 10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Силата на жртвата Христова

1. Бидејќи Законот ја има само сенката на идните добра, а не суштината на работите, никогаш не мо­же со оние исти жртви, што се принесуваат секоја година, да ги усоврши оние кои пристапуваат.

2. Инаку би престанале да се принесуваат, бидејќи оние што служат, еднаш очистени, не ќе имаат веќе никаква свест за гревовите.

3. Но преку жртвите секоја година се потсетуваат на гревовите,

4. бидејќи не е можно телешката и јарешката крв да ги однесе гревовите.

5. Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: „Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви.

6. Сепаленици за гревот не Ти се угодни.“

7. Тогаш реков: „Ете, идам, напишано е за Мене во книгата, да ја извршам, Боже, волјата Твоја.“

8. Кога погоре рече: „Жртви и дарови и сепаленици за гревот – што се принесуваат според Законот, Ти не посака и не Ти се угодни“,

9. а потоа рече: „Ете, идам, Боже, да ја извршам волјата Твоја“, со тоа Тој го укинува првото, за да го воспостави второто.

10. Според таа волја сме осветени со приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш.

11. И секој свештеник стои секој ден, служејќи и принесувајќи многупати ед­ни и исти жртви, кои никогаш не можат да ги отстранат гревовите;

12. а Тој, принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога,

13. и оттогаш чека понатаму додека непријателите Негови не бидат поло­же­ни како подножје за нозете Негови.

14. Зашто преку едно принесување Тој осветените ги направи засекогаш совр­шени.

15. И Светиот Дух ни посведочи, заш­то, откако порано рече:

16. „Ова е заветот што ќе им го дадам по оние дни, вели Господ: ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во мислите нивни ќе ги напишам.“ Тој додава:

17. „И за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам.“

18. А каде што има проштевање за нив, таму веќе нема приноси за грев.

Да Му пристапиме на Бога

19. И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат,

20. што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело,

21. имаме Врховен свештеник над домот Божји.

22. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очис­тиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода.

23. И да го држиме исповеданието на надежта цврсто, зашто верен е Оној Кој се заветувал.

24. И да бидеме внимателни еден кон друг за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела,

25. не изостанувајќи од собранијата како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден.

26. Зашто, ако, откако ја познавме вистината, своеволно продолжуваме да грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови,

27. туку страшно очекување на суд и јаростен оган што ќе ги проголта противниците.

28. Ако оној што го прекршил Мој­се­евиот закон, пред двајца или тројца сведоци безмилосно се казнува со смрт,

29. тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го пога­зил Синот Божји и ја осквернил крвта на заветот преку која е осветен и Го похулил Духот на благодатта?

30. Зашто ние Го знаеме Оној што ре­кол: „Одмаздата е Моја, Јас ќе платам“, вели Господ. И пак: „Господ ќе му суди на Својот народ.“

31. Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!

32. Потсетувајте се на вашите пора­нешни денови кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во стра­дањата,

33. било затоа што бевте изложени на срам и маки, било затоа што станавте соучесници на оние кои исто така стра­даа,

34. зашто и на оковите мои се сожа­лив­те и со радост дозволивте вашиот имот да се разграби, знаејќи дека на небесата имате подобар и траен имот.

35. И така, не напуштајте ја вашата слобода; таа ви носи голема награда.

36. Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе ја исполните волјата Бож­ја, да го добиете ветеното;

37. зашто уште малку, сосем малку и „Оној што иде, ќе дојде и нема да задоцни.

38. А праведниот преку верата ќе биде жив; Јас не се радувам за ниеден кој отстапува.“

39. Ние, пак, не сме од оние што от­ста­пуваат и гинат, туку од оние кои веруваат и се спасуваат.