поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Нов Завет

Евреите 9 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Старото богослужение

1. Така и во првиот завет имаше уред­би за богослужение и земно свети­лиште;

2. зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место“.

3. А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „Светиња над све­тињите“;

4. во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја злат­ни­от сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот,

5. а над него – херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува по­оп­ширно.

6. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свеш­те­ниците и извршуваа служба Божја;

7. а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење.

8. Преку ова Светиот Дух покажуваше дека сѐ уште не е отворен патот за све­тилиштето сѐ додека стои првата ски­нија,

9. која е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви, кои не можат да го направат совршен по совеста оној што служи,

10. туку се состојат само од јадења и пиења, и разни миења и телесни обреди, установени до времето кога сето ова ќе се исправи.

Христовото жртвопринесување

11. Но Христос, кога стана Прво­свеш­теник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, нера­кот­во­ре­но, односно не онакво какво што се пра­ви на земјата,

12. ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето ед­наш засекогаш и изврши вечен откуп.

13. Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите за очистување на телото,

14. тогаш, колку ли повеќе крвта на Христос, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела за да Му служиме на живиот Бог.

Завет запечатен со крв

15. Затоа е Тој посредник на новиот за­вет, та по Неговата смрт, што стана за откуп на престапите од времето на пр­виот завет, призваните да го добијат ве­теното вечно наследство.

16. Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот,

17. бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив.

18. Поради тоа ни првиот завет не беше утврден без крв.

19. Зашто Мојсеј, откако ги прочита сите заповеди од Законот пред сиот на­род, зеде крв телешка и јарешка со во­да, и со црвена волна и со исоп ја по­ро­си како самата книга, така и сиот народ,

20. велејќи: „Ова е крвта на заветот што ви го одреди Бог.“

21. Исто така со крв ги попрска и све­тилиштето и сите садови за служење на Бога.

22. И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв не­ма проштевање.

23. И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие.

Христовиот влез на небото

24. Зашто Христос не влезе во ракот­во­рено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас;

25. и не да се принесува Себе како жрт­ва повеќепати, како што првосвештени­кот влегува во светилиштето секоја го­ди­на со туѓа крв.

26. Инаку Тој би требало многупати да пострада од созданието на светот. А се­га еднаш засекогаш, до крајот на веко­вите, се јави за да го однесе гревот, от­како се принесе Сам Себе како жртва.

27. И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа – суд,

28. така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на мнозина, вторпат ќе им се јави не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение.