поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Нов Завет

Евреите 6 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Затоа да го оставиме почетното учење за Христос и да се стремиме кон совршенство, да не ја поставуваме одново основата: покајанието од мртви дела и верата во Бога,

2. науката за крштевањето, ракопола­га­њето, воскресението на мртвите и вечниот суд.

3. И ова ќе го направиме, ако допушти Бог.

4. Зашто оние кои еднаш се просветија, вкусија од небесниот дар, станаа учесници на Светиот Дух,

5. и, откако вкусија од убавата Божја реч и од силите на идниот век,

6. а потоа отпаднаа, – не е можно повторно да бидат обновени за покајание, кога повторно во себеси Го распнуваат Синот Божји и Го хулат.

7. Зашто земјата, која го впива дождот што често паѓа на неа и раѓа плод добар за оние што ја обработуваат, од Бога добива благослов;

8. а онаа што дава трње и боцки, таа е непотребна и близу е до проклетството кое завршува со изгорување.

9. Од вас, возљубени, ние очекуваме нешто подобро и спасително, иако така зборуваме.

10. Зашто Бог не е неправеден, та да го заборави делото ваше и трудот на љу­бовта што ги покажавте во Негово име, откако им послуживте и им служите на светиите.

11. А ние сакаме секој од вас да ја пока­жува истата усрдност за одржување на полната надеж докрај,

12. та да не станете мрзливи, туку да ги следите оние кои преку вера и трпение ги добиваат ветувањата.

Божјото сигурно ветување

13. Бог, кога му ветуваше на Авраам, бидејќи немаше ништо поголемо во што би се заколнал, се заколна во Себе,

14. велејќи: „Навистина ќе те благословам и ќе те размножам и преумножам.“

15. И така, со долготрпение тој го доби ветеното.

16. Луѓето, пак, се колнат во погорно од себеси, и заклетвата како потврда на секоја нивна препирка става крај.

17. Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше јасно да им ја по­ка­же Својата неизменлива волја, посведо­чи со клетва,

18. та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена,

19. а која е за нашата душа цврста и си­гурна котва, и кој влегува дури зад заве­сата,

20. каде што Исус за нас влезе најна­пред, откако стана вечен Првосвеш­те­ник по чинот Мелхиседеков.