поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Помина многу време и на третата година Господовото слово му беше упатено на Илија: „Оди, покажи му се на Ахав, зашто сакам да пуштам дожд на земјата.”

2. И Илија отиде да му се покаже на Ахав. Бидејќи гладот во Самарија стануваше сè поголем,

3. Ахав го повика дворскиот управител Авдиј. Тој Авдиј многу се боеше од Господа:

4. зашто кога Језавела ги погуби Господовите пророци, тој зеде сто пророци и ги скри по педесет во една пештера, каде ги хранеше со леб и ги поеше со вода.

5. И му рече Ахав на Авдиј: „Ајде, ќе ја обиколиме сета земја, сите извори и сите потоци, можеби ќе најдеме трева за да ги запазиме во живот коњите и мазгите и за да не ни пропадне добитокот.”

6. Ја поделија земјата што ќе ја пребаруваат: Ахав замина сам по еден пат, а Авдиј тргна сам по друг пат.

7. И кога Авдиј беше на пат, ете му го во пресрет Илија; откако го позна, падна ничкум и рече: „Ти ли си тоа, господару Илија!”

8. Тој му одговори: „Јас сум! Оди и речи му на својот господар: ‘Еве го Илија!’

9. Авдиј му одговори: „Што сум згрешил, та го предаваш својот слуга во рацете на Ахава, за да ме убие?

10. Живиот ми Господ, твојот Бог, нема народ ни царство каде мојот господар не испраќаше да те бараат. И кога му рекоа: ‘Го нема!’ ги заколнуваше царството и народот дека не те најдоа.

11. А сега ми наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘

12. Ама кога јас ќе си отидам од тебе, Господовиот Дух ќе те однесе не знам каде, а јас ќе дојдам и ќе го известам Ахава. Па кога не ќе те најде, ќе ме убие! А твојот слуга се бои од Господа од својата младост!

13. Зар не му е познато на мојот господар што направив кога Језавела ги погуби Господовите пророци? Скрив сто пророци, по педесет во една пештера, и ги хранев со леб и вода.

14. И сега ти наредуваш: ‘Оди, речи му на својот господар: „Еве го Илија!”‘ Па тој ќе ме убие!”

15. Илија му одговори: „Живиот ми Господ над Воинствата, Кому Му служам, ќе му се покажам уште денес.”

16. Авдиј тргна во пресрет на Ахава и му ја донесе веста, а Ахав тргна во пресрет на Илија.

17. Кога Ахав го здогледа Илија, му рече: „Ти ли си оној што го упропастуваш Израел?”

18. Илија одговори: „Јас не го упропастувам Израел, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала.

19. Сега собери го сиот Израел пред мене на гората Кармил и четири стотини и педесет „пророци,” кои јадат покрај трпезата на Језавела.”

20. Ахав ги повика сите Израелеви синови и ги собра пророците на гората Кармил.

21. Илија му пристапи на сиот народ и рече: „До кога ќе кривите на двете страни? Ако е Господ Бог, следете Го; ако е Ваал, следете го него.” А народот не му одговори ништо.

22. Илија продолжи: „Единствено уште јас останав како Господов пророк, а Вааловите пророци се четири стотини и педесет.

23. Дајте ни два јунци. Тие нека си изберат еден за себе, нека го исечат и нека го стават на дрва, ама нека не потклаваат оган.

24. Вие повикајте го името на својот бог, а јас ќе го повикам Гоподовото Име: богот кој ќе одговори со оган е вистински Бог.” Сиот народ одговори: „Добро!”

25. Потоа Илија им рече на Вааловите пророци: „Изберете си за себе еден јунец и почнете, зашто вие сте многу повеќе. Повикајте го името на својот бог, ама не ставајте оган.”

26. Тие го зедоа јунецот што им припадна ним и го подготвија. Го повикуваа Вааловото име од утрото до пладне, велејќи: „О, Ваалу, послушај нè!” Ама немаше ни глас, ни одговор. И скокаа и ги виткаа колената пред жртвеникот што го направија.

27. На пладне Илија им се потсмеваше и им рече: „Викајте погласно, зашто тој е бог; зафатен е или има работа; или е на пат; можеби спие, па треба да биде разбуден!”

28. А тие почнаа да викаат уште погласно и да се параат со ножеви и бодила, како што е обичај кај нив, сè додека не ги облеа крв.

29. Кога помина пладне, паднаа во бунило и беснееја сè додека не беше време за да се принесе жртвата; но немаше никаков глас ни одговор ниту знак дека некој ги слуша.

30. Тогаш Илија му рече на сиот народ: „Приближете се кон мене!” И сиот народ му се приближи. Тој го поправи Господовиот жртвеник што беше урнат.

31. Илија зеде дванаесет камења според бројот на племињата на синовите на Јакова, кому Бог му рече: „Твоето име ќе биде Израел!”

32. И му изгради од тие камења жртвеник на Господовото Име, и ископа ров околу жртвеникот, широк за да можат да се посеат две мери пченица.

33. Сложи дрва, го расече јунецот и го стави врз дрвата.

34. Тогаш рече: „Наполнете со вода четири врчви и излејте ги врз паленицата и на дрвата!” Направија така. Им заповеда: „Повторете,” и тие повторија. Тогаш рече: „Направете и по третпат.” Тие така и по третпат.

35. Водата течеше околу жртвеникот и ровот се наполни со вода.

36. Кога беше време за да се принесе вечерната жртва, пророкот Илија пристапи и рече: „Господи, Боже Аврамов, Исаков и Израелев, објави денес дека Ти си Бог во Израел, дека јас сум Твој слуга и дека по Твоја заповед го направив сè ова.

37. Послушај ме, Господи; послушај ме, за да знае сиот овој народ дека Ти, Господ, си Бог и дека Ти ќе ги обратиш нивните срца.”

38. И Господов оган падна и ги голтна паленицата и дрвата, камењата и правот, дури и водата во ровот ја исуши.

39. Сиот народ се исплаши, луѓето паднаа ничкум и рекоа: „Господ е Бог! Господ е Бог!”

40. Илија им рече: „Фатете ги Вааловите пророци, за да не избега ниеден од нив!” И тие ги фатија. Илија ги одведе до потокот Кисон и таму ги погуби.

41. Илија му рече на Ахава: „Оди горе, јади и пиј, зашто го слушам шумењето на дождот.”

42. Додека Ахав отиде горе да јаде и да пие, Илија се искачи на врвот на Кармил, се наведна кон земјата и го скри лицето меѓу колената.

43. Потоа му рече на својот момок: „Оди горе и погледај кон морето.” Тој отиде горе, погледна и рече: „Тука нема ништо!” Илија одговори: „Врати се седум пати.”

44. Но на седмиот пат момокот рече: „Ене облак, мал како човечка дланка, се дига од морето.” Тогаш Илија рече: „Оди, кажи му на Ахава: ‘Впрегнувај и слегувај за да не те фати дождот.’”

45. Одеднаш небото се смрачи од облаци и виор, и падна силен дожд. Ахав се качи во колата и отиде во Езраел.

46. Господовата рака беше над Илија, та тој, откако се препаша, отрча пред Ахава сè до во близината на Езраел.