поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Соломон изгради и свој дворец: потполно го заврши за тринаесет години.

2. Го изгради дворецот од ливанска гора: сто лакти долг, педесет широк и триесет лакти висок, на четири реда кедрови столбови, а на столбовите беа кедрови греди.

3. Беше покриен со кедровина над собите што почиваа над столбовите. Овие ги имаше четириесет и пет: петнаесет во секој ред.

4. Имаше три редици прозорци: по три прозорци гледаа еден кон друг.

5. Сите врати со довратниците беа четвртести, и по три прозорци стоеја еден спрема друг.

6. Направи трем од столбовите, педесет лакти долг и триесет широк.

7. Потоа го изгради престолниот трем, каде што судеше; и судиски трем, обложен со кедровина од подот до покривот.

8. Неговото престојувалиште, во другиот двор и во внатрешноста на дворот беше со ист облик. & изгради и куќа, слична на оној трем, на фараоновата ќерка, со која беше оженет.

9. Сите тие згради беа од одбран камен, сечен по мера, а делкан одвнатре и однадвор, од основите сè до дрвените спојници, а надвор сè до големото преддворје.

10. Основите им беа од одбран, голем камен: од десет и од осум лакти,

11. а надградбата од одбран, по мера делкан камен и од кедровина.

12. А три реда делкан камен и ред кедрови греди го опкружуваа големиот двор, а исто и внатрешниот двор на Господовиот Дом.

13. Соломон испрати по Хирама од Тир.

14. Тоа беше син на вдовица од Нефталимовото племе, ама татко му беше од Тир, ковач на бронза. Беше полн со вештини, умеење и знаење да изработува сè од бронза. Тој дојде кај царот Соломон и му ја сврши сета работа.

15. Одлеа два столба од бронза; едниот столб беше висок осумнаесет лакти, а мерен со конец наоколу имаше дванаесет лакти, исто така и другиот.

16. И направи две глави од бронза за да се стават врз столбовите; едната глава беше висока пет лакти, и другата беше пет лакти висока.

17. Направи две мрежи во вид на плетенки и верижна жица за да ги покријат главите на вратот на столбовите; седум за едната глава и седум за другата.

18. Тогаш изработи калинки: беа во два реда околу секоја мрежа. И ја покриваа главата на врвот на столбот. Исто направи врз другата глава.

19. Главите на врвот на столбовите пред тремот имаа облик на лотоси, од четири лакти.

20. Стоеја на двата столба кај испакнатината што беше спрема мрежата. Две стотини калинки беа околу првата глава и двеста околу другата.

21. Подигна столбови пред тремот на Светилиштето; едниот го стави на десната страна и го нарече Јахин; постави друг столб на левата страна и му го даде името Воас.

22. Изработените лилјани ги постави на самиот врв на главите. И така ги доврши столбовите.

23. Тогаш од бронзена ковина излеа море што мереше десет лакти од работ до работ; беше кружно наоколу, пет лакти високо, а во опсег, мерено со врвца, имаше триесет лакти.

24. Под работ му беа украси како цветни чашки, кои го опточуваа сосем: по десет на лакат го опточуваа морето наоколу; цветните чашки беа во два реда, и беа излеани со него.

25. Лежеше врз дванаесет волови: три гледаа на север, три на запад, три на југ, а три на исток; морето стоеше врз нив, и сите беа свртени со задниот дел кон внатре.

26. Беше дебело една дланка, работ му беше како раб на чаша, како лилјанов цвет, а можеше да прими две илјади мери - вати.

27. Направи десет бронзени подножја; секое беше четири лакти долго, четири лакти широко, а три лакти високо.

28. Подножјата беа изработени вака: имаа рамки, а рамките стоеја меѓу препреките.

29. На рамките меѓу пречките беа лавови, волови и херуви; а врз самите препреки, како над лавовите и воловите така и под нив, беа украси како венци.

30. Секое подножје имаше четири бронзени тркала и оска од бронза; нивните четири нозе имаа држачи; под мијалникот држачите беа слеани со украсите.

31. Горе, каде што се составуваа држачите, беше отворот на подножјето; имаше лакат ипол; отворот беше кружен, во вид на украсен сад, а врз него беа врежани и украси; ама препреките беа четвртести, а не кружни.

32. Четири колца беа под пречката. Оските им излегуваа на подножјето; секое колце беше високо лакат ипол.

33. Тркалата беа слични на тркалата на обични коли: нивните оски, наплатите, шпиците и главинките - сè беше излеано.

34. Имаше четири држачи на четирите агли на секое подножје; подножјето и држачите составуваа една целина.

35. При врвот на подножјето имаше круг висок половина лакат; врз подножјата имаше клинови; препреките составуваа целина со нив.

36. По страните на клиновите и на препреките врежа херуви, лавови и палми, колку што му дозволуваше местото и на венците наоколу.

37. Така направи десет подножја: еднакво излеани, со еднаква големина и облик.

38. И направи десет мијалници од бронза. Секој мијалник содржеше четириесет вати, а секој мијалник беше од четири лакти; на секое од десетте подножја доаѓаше по еден мијалник.

39. Постави пет подножја на десната страна, а пет на левата страна на Храмот; а морето го постави од десната страна на Храмот, кон југоисток.

40. Хирам направи грнци, лопати и котлиња. Тој ја приврши сета работа што му ја обавуваше на царот Соломон за Господовиот Дом:

41. два столба, кружните глави што беа на врвот на столбовите; двете мрежи за да ги покриваат двете глави што беа на врвот на столбовите;

42. четири стотини калинки за двете мрежи; два реда калинки за секоја мрежа, за да ги покријат двете глави на столбовите;

43. десет подножја и десет мијалници на подножјата;

44. едно море и дванаесет волови под него;

45. грнци, лопати и котлиња. Сите тие предмети што му ги направи Хирам на царот Соломон за Господовиот Дом беа од блескава бронза.

46. Царот заповеда да го излеваат сè тоа во глинени калапи, во Јорданската Долина, меѓу Сохот и Сартан.

47. На крај Соломон одреди да ги распоредат сите тие предмети, а ги имаше толку што не можеше да се пресмета тежината на бронзата.

48. Соломон ги направи сите предмети кои што беа во Господовиот Дом: златниот жртвеник и златниот стол врз кој стоеја лебните приноси;

49. петте светилници од десната и од левата страна пред Светина над светините, од чисто злато: цветови, светилки, клешти од злато;

50. врчвите, ножовите, котлињата, темјаниците и кадилниците од чисто злато; стожерите за вратата на внатрешната дворана - тоа е Светина над светините - и за вратата на Светилиштето - односно на Храмот - сè од злато.

51. Така беше приведена кон крај сета работа што Соломон ја изврши за Господовиот Дом. Соломон ги внесе сите свети дарови на татка си Давида - среброто, златото и садовите - и ги стави во ризницата на Господовиот Дом.