поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 13 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А некој Божји човек дојде со Божјото слово од Јудеја во Ветил кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот за да кади.

2. И по Божја заповед оној извика кон жртвеникот: „Жртвенику, жртвенику! Господ вели вака: ‘Еве ќе се роди во Давидовиот дом син по име Јосиј. Тој ќе ги жртвува на тебе свештениците на високите места, тие кои што кадат врз тебе, и тој ќе гори човечки коски врз тебе!’”

3. И во исто време им даде знак: „Ова е знак дека Господ зборуваше: ете, жртвеникот ќе се распукне и ќе се истури пепелта што е на него.”

4. Кога царот чу што рече Божјиот човек против жртвеникот во Ветил, ја испружи раката оттаму од жртвеникот и рече: „Фатете го!” Но раката што ја испружи кон човекот се исуши, и не можеше да ја врати кон себе.

5. Жртвеникот распукна, и пепелта се истури од жртвеникот, според знакот што го даде Божјиот човек по Господова наредба.

6. Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.” Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано.

7. Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.”

8. Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место,

9. зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’”

10. И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил.

11. А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сè што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото.

12. А тој ги праша: „По кој пат си отиде?” Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја.

13. Тогаш пророкот им рече на синовите: „Насамарете ми го ослето!” И му го насамарија ослето, а тој јавна.

14. Тргна по Божјиот човек и го најде како што седи под даб; и го праша: „Ти ли си Божјиот човек кој дојде од Јудеја?” А тој му одговори: „Јас сум.”

15. Пророкот му рече: „Дојди со мене во мојот дом за да јадеш нешто.”

16. Но тој одговори: „Не смеам да се вратам со тебе, ниту смеам да јадам леб ни да пијам вода на ова место,

17. зашто од Господовото слово ми е наредено ова: ‘Не јади таму леб, не пиј вода, ниту се враќај по патот по кој што си тргнал онаму.’”

18. На тоа оној му рече: „И јас сум пророк како и ти, и ангел ми рече со Господово слово: ‘Поведи го со себе дома за да јаде леб и за да пие вода.’” Со овие зборови го излага.

19. Божјиот човек се врати со него, во неговата куќа јадеше леб и пиеше вода.

20. Додека седеа покрај столот, му дојде Господово слово на пророкот кој го доведе назад,

21. и тој му извика на Божјиот човек кој дојде од Јудеја: „Господ вели вака: ‘Затоа што не ја послуша Господовата заповед и не ја пазеше наредбата што ти ја даде Господ, твојот Бог,

22. туку се врати, јадеше леб и пиеше вода во местото каде што ти реков да не јадеш леб и да не пиеш вода, затоа твоето тело нема да легне во гробот на твоите татковци.’”

23. Откако оној, кој го беше довел, го најаде леб и го напи вода, му го оседла ослето. И оној замина.

24. А на патот лав скочи врз него, и го усмрти. И така мртвото тело лежеше спружено на патот, ослето стоеше покрај него, и лавот стоеше покрај телото.

25. Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк.

26. Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.”

27. И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!” И тие му го насамарија.

28. Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето.

29. Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот.

30. Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!”

31. А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите.

32. Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.”

33. Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места.

34. Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.