поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. По тие настани се случи ова: Езраелецот Навутеј имаше лозје во Езраел покрај дворецот на Ахава, самарискиот цар,

2. и Ахав му рече на Навутеја: „Отстапи ми го своето лозје, да ми биде зеленчукова градина, зашто е близу до мојата куќа. Јас ќе ти дадам за него подобро лозје, или, ако го сакаш тоа, ќе ти дадам сребреници колку што чини.”

3. Но Навутеј му рече на Ахава: „Господ да ме запази од тоа да ти го отстапам наследството на своите татковци!”

4. Ахав се врати дома гневен и лут заради зборовите што му ги рече Езраелецот Навутеј: „Не ти го давам наследството на своите татковци.” Легна на постела и го сврти лицето, и не сакаше да вкуси храна.

5. Му дојде неговата жена Језавела и рече: „Зошто си нерасположен и не се грижиш за храната?”

6. Тој и одговори: „Му зборував на Езраелецот Навутеј и му реков: ‘Отстапи ми го своето лозје за сребреници, или, ако ти е помило, ќе ти дадам друго лозје за него’. Но тој ми рече: ‘Не ти го давам своето лозје.’”

7. Тогаш неговата жена Језавела рече: „Ти си оној кој царува над Израел! Стани и јади, и биди со добра волја. Јас ќе ти го дадам лозјето на Езраелецот Навутеј.”

8. И таа напиша писма во Ахавово име и ги запечати со царскиот печат. Писмата им ги испрати на старешините и главатарите - Навутееви сограѓани.

9. Во тие писма напишала: „Прогласете пост и изведете го Навутеја пред народот.

10. Ставете спроти него двајца никаквеци кои ќе го обвинат: Ги проколнуваше Бога и царот! Тогаш изведете го и каменувајте го за да загине.”

11. И луѓето во Навутеевиот град, старешините и главатарите, направија како што им заповеда Језавела и како што пишуваше во писмата кои им ги упатила.

12. Прогласија пост и го ставија Навутеја на чело на народот.

13. Тогаш дојдоа двајца никаквеци, и го оптужија Навутеј пред народот: „Навутеј ги проколнуваше Бога и царот.” И така го изведоа Навутеј надвор од градот, го опсипаа со камења, и тој загина.

14. Потоа и порачаа на Језавела: „Навутеј е каменуван и умре.”

15. Откако Језавела чу дека Навутеј е каменуван и дека умре, му рече на Ахава: „Стани и земи го лозјето што Езраелецот Навутеј не сакаше да ти го отстапи за сребреници. Навутеј веќе не е жив, тој е мртов.”

16. Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост.

17. Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија:

18. ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост.

19. Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’”

20. Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?” Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа.

21. ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел.

22. Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’

23. И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’

24. Кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, ќе го изедат небеските птици.”

25. Навистина, никој не се продаде така како Ахав за да прави што е зло во Господовите очи, зашто го заведуваше неговата жена Језавела.

26. Правеше мошне одвратни дела: одеше по идолите токму како што правеа Аморејците, кои што Господ ги протера пред Израелците.

27. Кога Ахав ги чу тие зборови, ги раскина своите облеки и стави вреќиште на телото; и постеше, и спиеше во вреќиштето и одеше наоколу претпазливо.

28. Тогаш му дојде Господовото слово на Тесвиецот Илија:

29. ”Виде ли како Ахав се понижи пред Мене? Бидејќи така се понижи пред Мене, не ќе го пуштам злото за време на неговиот живот; ќе го пуштам злото во времето на неговиот син врз неговата куќа.”