поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22

Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 10 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Гласот со кој се здоби Соломон во Господовото Име стигна до царицата од Сава; затоа таа дојде за да го испита Соломона со гатанки.

2. Дојде во Ерусалим со голема придружба, со камили што носеа мириси, со неброено злато и со бесцени камења. Откако дојде кај Соломона, поразговара со него за сè што и беше на срце.

3. Соломон и одговори на сите прашања; не му беше скриено ништо за да не би можел да и одговори.

4. Кога царицата од Сава ја виде Соломоновата мудрост, дворецот што го беше изградил,

5. јадењата на неговиот стол, неговите соби и дворници, отменоста на неговите слуги и на неговите облеки, неговите виноподнесувачи, и палениците кои што ги принесол во Господовиот Дом, и застана здивот.

6. Тогаш му рече на царот: „Вистина беше што чув за тебе во својата земја и за твојата мудрост.

7. Ама не сакав да верувам на тоа што се раскажуваше додека не дојдов и не видов со своите очи; и навистина, ни половината не ми беше кажана: ти ја надвишуваш во мудроста и во благосостојба славата за која што чув.

8. Блазе им на твоите луѓе блазе им на оние твои слуги, кои се непрекинато пред тебе и ја слушаат твојата мудрост!

9. Нека е благословен Господ, твојот Бог, кому толку му стана мил за да те постави на престолот на Израелците; затоа што Господ секогаш го љуби Израел, те постави за цар за да правиш право и правда.”

10. Тогаш му даде на царот сто и дваесет златни таланти, многу милномириси и бесцени камења. Никогаш веќе немаше такви мириси какви што царицата од Сава му ги даде на царот Соломон.

11. Па и Хирамовите бродови, кои што донесуваа злато од Офир, пренесоа оттаму многу сандалови (алмук, црвено дрво) дрва и бесцени камења.

12. Царот од сандаловината направи ограда за Господовиот Дом и за царскиот дворец, и псалтири и харфи за пејачите; никогаш веќе не беа префрлени толку сандалови дрва ниту се видени до денес.

13. Царот Соломон и даде на царицата од Сава сè што посака и што побара, а освен тоа царски ја дарува. Потоа таа тргна и со своите слуги се врати во својата земја.

14. Златото што му доаѓаше на Соломона секоја година беше шест стотини шеесет и шест златни таланти,

15. освен она што доаѓаше од трговците и од продавачите - со мириси, и од сите арабјански цареви и од земните управители.

16. Царот Соломон направи три стотини големи штитови од ковано злато; за секој штит употреби шест стотини златни шекели;

17. и направи триста штитчиња од ковано злато; за секое штитче потроши три мини. Ги стави за чување во куќа наречена Ливанска Куќа.

18. Царот уште направи голем престол од слонови коски и го обложи со чисто злато.

19. Престолот имаше шест лествици, одзади на него имаше телешка глава, а од двете страни на седиштето беа рачки, а покрај рачките стоеја два лава.

20. Дванаесет лавови стоеја од обете страни на оние шест лествици. Такво нешто не беше изработено во ниедно царство.

21. Сите садови од кои што пиеше царот Соломон беа златни, и сите посатки во куќата од Ливанските дрва беа од чисто злато; ништо не беше од сребро, зашто среброто се сметаше за безвредно во Соломоновото време.

22. Царот имаше тарсиски бродови на море заедно со Хирамовите бродови, и во секоја трета година тарсиските бродови доаѓаа, донесувајки злато, сребро и слонова коска, мајмуни и пауни.

23. Така царот Соломон ги надмина сите земни цареви со богатство и со мудрост.

24. Сиот свет сакаше да го види Соломона и да ја чуе мудроста што Бог му ја всади во срцето.

25. Секој му донесуваше подарок: сребрени и златни посатки, облеки, оружје, мириси, коњи и мазги, од година во година.

26. Покрај тоа Соломон собра бојни коли и коњаници; имаше илјада и четири стотини бојни коли и дванаесет илјади коњи, и ги распореди по градовите на бојните коли и кај царот во Ерусалим.

27. Соломон направи да има во Ерусалим сребро како камења, а кедри како диви смокви што растат во Сефела.

28. Соломон внесуваше коњи од Мусрија и од Кое: царевите набавувачи ги донесуваа од Кое за одредена цена.

29. Колите ги довезуваа од Египет по шест стотини сребрени шекели; а коњот се плаќаше по сто и педесет. Така преку набавувачите, хетитските и арамејските цареви го добиваа сè тоа.