поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во Иконија влегоа заедно во јудејската синагога, и зборуваа така, што поверува големо множество Јудејци и Грци.

2. Но Јудејците, кои не ги послушаа, ги побунија и ги огорчија душите на многубошците против браќата.

3. Овие пак останаа тука долго време, проповедајќи смело, во Господа, Кој сведочеше за словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават знаци и чуда.

4. И множеството во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите.

5. Кога многубошците и Јудејците, со своите старешини, се нафрлија врз нив да ги измачуваат и да ги убијат со камења,

6. тие научија за тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дарвија, и во нивната околина,

7. и таму го проповедаа Евангелието.

8. Во Листра седеше некој човек немоќен во нозете, хром од мајчината утроба, кој никогаш не одел.

9. Тој го слушаше Павла кога зборуваше, а кога Павле го погледна виде дека има вера за исцелување,

10. и му рече со силен глас: „Исправи се на своите нозе!” И тој скокна и прооде.

11. А множеството народ кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: „Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!”

12. И го нарекоа Варнава - Зевс, а Павла - Хермес, зашто тој беше началник на словото.

13. А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе јунци и донесе венци пред вратата и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва.

14. Но кога го чуја тоа апостолите, Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки се втурнаа меѓу народот и извикаа,

15. велејќи: „Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви проповедаме да се обратите, од тие суети, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив;

16. Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта,

17. и сепак никогаш не прекратуваше да сведочи за Себеси со Своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодоносни времиња и полнејќи ги вашите срца со храна и веселба.”

18. И зборувајќи за тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва.

19. Но стигнаа Јудејци од Антиохија и Иконија и го наговорија народот; го каменуваа Павла и го извлекоа од градот, мислејќи дека е мртов.

20. Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и влезе во градот. А утреден отиде со Варнава во Дерва.

21. Откако го навестија Евангелието во оној град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиохија;

22. ги утврдуваа душите на учениците и ги советуваа да бидат постојани во верата, и дека треба преку многу неволји да влезат во Божјото Царство.

23. И кога им определија старешини, во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господа, во Кого поверувале.

24. Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија;

25. и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија;

26. а оттаму отпловија во Антиохија, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија.

27. И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на народите.

28. И останаа подолго време со учениците.