поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 21 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Кога се одделивме од нив и отпловивме право, дојдовме во Кос, а на идниот ден во Родос и оттаму во Патара.

2. И кога најдовме кораб, што заминуваше за Феникија, влеговме во него, и отпловивме.

3. А кога ни се покажа Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари.

4. И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павла да не оди горе во Ерусалим.

5. И кога ги поминавме тие дни, отидовме оттаму и тргнавме натаму; а тие сите нè испратија со жените и децата, надвор од градот; а на брегот клекнавме и се помоливме.

6. И кога се простивме едни со други, ние влеговме во бродот, а тие се вратија во своите домови.

7. Завршувајќи го пловењето, од Тир стигнавме во Птолемаида, каде ги поздравивме браќата и останавме при нив еден ден.

8. А на идниот ден отпатувавме и дојдовме во Ќесарија и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седуммината, и останавме при него.

9. Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа.

10. Бидејќи престојувавме таму многу дни, еден пророк, по име Агав, дојде од Јудеја.

11. И кога дојде при нас го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‘Човекот, чиј е овој појас, Јудејците, во Ерусалим, така ќе го врзат и ќе го предадат во рацете на народите’.”

12. Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим.

13. Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.”

14. И бидејќи не можевме да наговориме, ние молкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!”

15. По тие денови се приготвивме и отидовме горе во Ерусалим.

16. Со нас тргнаа и некои ученици од Ќесарија и нè одведоа при некој Мнасон, Кипарец, дамнашен ученик, за да бидеме негови гости.

17. Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нè примија радосно.

18. На идниот ден Павле отиде со нас при Јакова, а сите старешини беа присутни.

19. И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сè што Бог, преку неговата служба, направи меѓу народите.

20. А кога го чуја тоа, Го прославија Бога и му рекоа: „Гледаш брате, колку илјади верни има меѓу Јудејците, и сите ревнуваат за Законот;

21. а за тебе се известени дека сите Јудејци, кои се меѓу народите, ги учиш да отстапат од Мојсеја, велејќи им да не ги обрезуваат своите деца, ниту да ги држат обичаите.

22. И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол.

23. Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четири мажи, кои се заветувале;

24. земи ги и очисти се со нив и плати за нив да си ги истрижат главите. Така сите ќе научат дека нема ништо од она, што чуле за тебе, и дека и самиот го исполнуваш Законот.

25. А за народите, кои ја примиле верата, одлучивме и им пишавме: да се воздржуваат од жртвувано на идоли; и од крв, и од удавено, и од блудство.”

26. Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи; и на идниот ден, откако се очисти со нив заедно влезе во Храмот и објави кога ќе свршат деновите на очистувањето, кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.

27. А кога седумте денови требаше да се свршат, Јудејците од Азија го забележаа во Храмот, го побунија целиот народ и ги ставија рацете на него,

28. викајќи: „Израелци, помагајте! Овој е човекот, кој насекаде ги учи сите против народот, против Законот и против ова место! Освен тоа ги воведе и Грците во Храмот и така го онечисти ова свето место!”

29. Имено, тие го видоа порано во градот со него Ефесецот Трофим и мислеа дека Павле го воведе во Храмот.

30. И целиот град се разбранува и народот се собра, го фатија Павла и го извлекоа надвор од Храмот, а веднаш ја затворија вратата.

31. И кога сакаа да го убијат, дојде глас до заповедникот на четата, дека целиот Ерусалим е во врева.

32. И тој веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Тие пак кога ги видоа заповедникот и војниците прекратија да го тепат Павла.

33. Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат во двојни вериги; и распрашуваше кој е и што направил.

34. Едни од народот викаа едно, а другите друго; бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да научи, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината.

35. А кога беше на скалите, војниците требаше да го носат заради нафрлувањето на народот;

36. зашто множество народ врвеше по него и викаше: „Погубете го!”

37. И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Смеам ли да ти речам нешто?” Овој пак рече: „Знаеш ли грчки!

38. Да не си ти оној Египтјанин, кој пред овие денови побуни и одведе во пустината четири илјади мажи разбојници?”

39. А Павле одговори: „Јас сум Јудеец од Тарс, граѓанин на познатиот град од Киликија, и те молам да ми одобриш да му проговорам на народот!”

40. И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече: