поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Стар Завет

Нов Завет

Дела Ап. 7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Тогаш првосвештеникот рече: „Така ли е тоа?”

2. А тој рече: „Браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан,

3. и му рече: ‘Излези од својата земја и својот род и појди во земјата, што ќе ти ја покажам!’

4. Тогаш тој излезе од Халдејската Земја и се насели во Харан и оттаму, по смртта на татко му, Бог го пресели во оваа земја, во која што живеете сега.

5. Но не му даде наследство во неа, ни една стапка од земјата, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им ја даде во наследство: нему и на неговото семе по него.

6. Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат придојденици во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четири стотини години.

7. ’Но, Јас ќе му судам на народот, рече Бог, на кој ќе му робуваат; а потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.’

8. И му го даде Заветот на обрезанието; и така на Авраама му се роди Исак и го обреза на осмиот ден; а на Исака - Јаков; а на Јакова - дванаесетте патријарси.”

9. „А патријарсите му завидоа на Јосифа и го продадоа во Египет, но Бог беше со него,

10. и го избави од сите негови неволји и му даде благодат и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом.

11. Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, и нашите татковци не можеа да најдат храна.

12. А кога Јаков чу дека има жито во Египет, ги испрати таму нашите татковци за првпат.

13. Кога дојдоа по вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, и Фараонот научи за Јосифовото потекло.

14. Тогаш Јосиф испрати и го повика татка си Јакова и целиот род - седумдесет и пет души.

15. И така Јаков слезе во Египет, каде умре, тој и нашите татковци.

16. И го пренесоа во Сихем и го положија во гробот, што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови.”

17. „Колку повеќе се приближуваше ветеното време, за кое Бог му се заколна на Авраама, толку повеќе народот се зголемуваше и се намножи во Египет,

18. додека во Египет не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосифа.

19. Тој постапуваше лукаво со нашиот народ, и ги измачуваше нашите татковци, присилувајќи ги да ги фрлаат своите деца, за да не останат живи.

20. Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бога. Три месеци го одгледуваа во татковиот дом,

21. а кога го напуштија, го зеде фараоновата ќерка и си го одгледа за син.

22. И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост, и беше силен во своите зборови и дела.

23. А кога наврши четириесет години, му дојде на ум да ги посети своите браќа - синовите Израелеви.

24. И кога виде како еден страда неправедно, го одбрани и го одмазди угнетуваниот, убивајќи го Египтјаниот;

25. мислејќи дека неговите браќа ќе разберат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не разбраа.

26. А на идниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: „Луѓе, вие сте браќа! Зошто правите неправда еден на друг?”

27. Но оној, кој му правеше неправда на својот ближен го турна и рече: „Кој те постави тебе за началник и за судија над нас?

28. Сакаш ли и мене да ме убиеш, како што го уби Египтјанинот; вчера?”

29. Заради тој збор Мојсеј избега и стана придојденик во Мадијамската земја, каде му се родија два сина.”

30. Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот на запалена капина.

31. Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а кога се приближуваше, за да разгледа, се чу гласот Господов:

32. ’Јас Сум Бог на твоите татковци: Бог Авраамов, Исаков, и Јаковов.’ Мојсеј се растрепери и не се осмели да погледа.

33. Тогаш Господ му рече: ‘Собуј ги обувките од своите нозе, зашто местото на кое стоиш е света земја!

34. Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет и го чув неговото воздивнување, и слегов да го избавам. И сега дојди да те испратам во Египет!’

35. ”Овој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: ‘Кој те постави тебе за началник и за судија?’ - Бог него го испрати, преку ангелот, кој му се јави во капината, за началник и за избавител.

36. Тој ги изведе правејќи чудеса и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години.

37. Тоа е Мојсеј, кој им рече на Израелевите синови: „Бог ќе ви издигне, меѓу вашите браќа, пророк како мене Него послушајте Го.”

38. Тоа е оној, кој во заедницата во пустината, беше со ангелот, кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам.

39. Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртија со срцето кон Египет,

40. зборувајќи му на Арона: ‘Направи ни богови, кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеја, кој нè изведе од Египет!’

41. И во оние денови направија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.

42. Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да Му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: ‘Доме Израелев Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината?

43. Туку го носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Рафан; кипови што ги направивте, за да им се поклонувате, затоа ќе ве преселам потаму од Вавилон!’

44. Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што го заповеда тоа Оној, Кој му зборуваше на Мојсеја да направи според образецот што го видел.

45. Нашите татковци го примија и го внесоа со Исуса, кога ја зазедоа земјата на народите, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сè до Давидовите денови.

46. Овој најде милост пред Бога, и затоа измоли да Му најде живеалиште на Јакововиот Бог.

47. А Соломон Му изгради Дом.

48. А Сèвишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:

49. ’Небото Ми е престол, а земјата е подножје на Моите нозе. Каков дом ќе ми изградите - говори Господ - или какво ќе биде местото за Моја починка?

50. Не го направи ли сè тоа Мојата рака?’

51. Тврдоглави и со необрезани срца и уши! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух! Како вашите татковци така и вие!

52. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци вие станавте сега,

53. вие, кои го примивте Законот преку служење на ангели - и не го запазивте.”

54. Кога го чуја тоа, многу се налутија во своите срца и чкртаа со забите на него.

55. А тој, полн со Светиот Дух, погледна на небото ја виде Божјата Слава и Исуса, како стои оддесно на Бога

56. и рече: „Еве, ги гледам отворени небесата и Човечкиот Син како стои оддесно на Бога.”

57. Тогаш извикаа со силен глас, ги затнаа своите уши и се нафрлија еднодушно на него.

58. И го исфрлија од градот и фрлаа камења на него. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на едно момче, кое се викаше Савле.

59. И фрлаа камења на Стефана, кој повикуваше, велејќи: „Господи Исусе, прими го мојот дух!”

60. Тогаш падна на колена и извика со силен глас: „Господи, не земај им го ова за грев!” И кога го рече тоа - заспа.