1. Тесвиецот Илија, од Галадската Тесва, му рече на Ахава: „Живиот ми Господ, Израелевиот Бог, Кому Му служам, во овие години ќе нема ни роса ни дожд, освен по моја заповед.”
2. Господовото слово му беше упатено вака:
3. ”Оди оттука и тргни кон исток, и скриј се при потокот Херит, што е спроти Јордан.
4. Ќе пиеш од потокот, а на гавраните им заповедав да те хранат таму.”
5. Тој отиде и направи според Господовото слово, и се настани при потокот Херит, спроти Јордан.
6. Гавраните му донесуваа леб наутро, а месо навечер; пиеше од потокот.
7. Ама по некое време потокот пресуши, зашто немаше дожд во сета земја.
8. Тогаш му дојде Господовото слово на Илија:
9. ”Стани, оди во Сидонска Сарепта и остани таму. Еве, таму и наредив на една вдовица да те храни.”
10. Тој стана и тргна во Сарепта. Кога стигна до градската врата, некоја вдовица собираше дрва таму; тој и се обрати и рече: „Донеси ми малку вода во врчвата, да пијам!”
11. Кога тргна да донесе, тој викна по неа и и рече: „Донеси ми и малку леб во раката!”
12. Таа одговори: „Живиот ми Господ, твојот Бог, јас немам печен леб, немам освен грст брашно во сад и малку масло во врчва. И еве собирам дрва, па ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за сина си, за да го поделиме и да умреме.”
13. Но Илија и рече: „Не бој се. Оди и направи како што рече; само замеси ми првин колаче, па ми го донеси; а тогаш зготви си за себе и за сина си.
14. Зашто вака зборува Господ, Израелевиот Бог: ‘Нема да снема брашно во садот, ниту ќе се испразни врчвата со масло, сè додека Господ не пушти да падне дожд на земјата.’”
15. Таа отиде и направи како што и рече Илија; и имаа јадење за многу денови, таа, тој и нејзиниот син.
16. Брашното од садот не се потроши и во врчвата не снема масло, според словото што Господ го рече преку својот слуга Илија.
17. По овие збиднувања се разболе синот на домаќинката, и неговата болест се влоши многу, така што во него не остана здив.
18. Тогаш таа му рече на Илија: „Што имам јас со тебе, Божји човеку? Зар дојде кај мене за да ме потсетиш на мојот грев и за да ми го усмртиш синот!”
19. Тој и рече: „Дај ми го својот син!” Тогаш го зеде од нејзината прегратка, го однесе во горната соба каде што живееше, и го положи во својата постела.
20. Тогаш извика кон Господа и рече: „Господи, Боже мој, зар навистина сакаш да ја натажиш вдовицата, која ме нагости, умртвувајќи и го синот?”
21. Потоа се испружи трипати над детето повикувајќи Го Господа: „Господи, Боже, направи да се врати во ова дете неговата душа!”
22. Господ ја послуша молбата на Илија, душата се врати во детето, и тоа оживе.
23. Илија го зеде, слезе од горната соба во куќата и и го даде на неговата мајка: и Илија рече: „Еве, твојот син е жив!”
24. Жената му рече: „Сега знам дека ти си Божји човек и дека Божјото слово во твојата уста е вистинито!”