17. Тогаш апостолите положија над нив раце и тие Го примија Светиот Дух.
18. А Симон, кога виде дека Духот Свети се дава со полагање раце од апостолите, им донесе пари,
19. и им рече: „Дајте ми ја и мене таа власт, та над кого и да ги положам рацете, да Го прими Духот Свети!“
20. Но Петар му рече: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари.
21. Ти немаш дел ниту право на таа работа, бидејќи срцето твое не е право пред Бога.
22. Туку покај се за оваа зла намера и помоли Му се на Бога за да ти се прости помислата на срцето твое;
23. бидејќи те гледам дека си исполнет со горчлива жолчка и во окови на беззаконие.“
24. А Симон одговори: „Помолете Му се за мене на Господ вие, да не ме стигне ништо од она што рековте.“
25. И така, откако посведочија и зборуваа за словото Господово, тргнаа кон Ерусалим, проповедајќи го патем Евангелието во многу села самарјански.
26. А на Филип му рече ангел Господов: „Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.“
27. Тој стана и тргна; и ете, еден човек од Етиопија, евнух, висок достоинственик на Кандакија, етиопската царица, кој беше чувар на сите нејзини ризници. Тој дошол во Ерусалим на поклонение,
28. а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија.
29. Духот, пак, му рече на Филип: „Приближи се и застани до колата!“
30. Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“
31. Овој одговори: „Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?“ Па го замоли Филип да се качи и да седне до него.
32. А местото од Писмото што го читаше, беше ова: „Како овца на клање беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Тој устата Своја не ја отвори.
33. Во неговата понизност Тој беше лишен од праведен суд. А поколението Негово кој ќе го искаже? Зашто животот Негов се одзема од земјата.“
34. Тогаш Етиопјанецот проговори и му рече на Филип: „Те молам, за кого ова го зборува пророкот, за себе или за некој друг?“
35. А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му благовести за Исус.