поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4

Нов Завет

2 Тимотеј 1 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Поздрав

1. Павле, апостол на Исус Христос по волјата Божја, според ветувањето на животот, животот во Христос Исус,

2. до Тимотеј, возљубеното чедо. Бла­годат, милост и мир од Бог Отецот и од Христос Исус, нашиот Господ!

Благодарност и поттик кон верност

3. Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, додека постојано те споменувам во молитвите свои дење и ноќе;

4. сеќавајќи се за твоите солзи, копне­ам да те видам, за да се исполнам со ра­дост,

5. спомнувајќи си за нелицемерната ве­ра кај тебе, која најпрвин се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Ев­ника, а убеден сум дека ја има и во тебе.

6. Поради тоа ти напомнувам да ја распалуваш Божјата дарба, која ја имаш во себе преку полагањето на моите раце.

Поттик на верна битка за Евангелието

7. Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност.

8. И така, не срамувај се од сведо­че­ње­то за нашиот Господ Исус Христос, ни­ту од мене, затвореникот за Него, туку стани соучесник во страдањата за Евангелието Христово по силата на Бога,

9. Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња,

10. а откриена сега со јавувањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспадливоста преку Евангелието,

11. за кое сум поставен како проповедник, апостол и учител на незнабошците.

12. Затоа и го трпам тоа; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој е моќен мојот залог да го запази за оној ден.

13. Имај ги, како пример, здравите збо­рови што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христос Исус!

14. Запази го добриот залог преку Све­тиот Дух, Кој живее во нас!

За вистинското пријателство

15. Го знаеш тоа дека мене ме на­пуш­тија сите во Азија, меѓу кои и Фигел и Ермоген.

16. Господ нека му даде милост на до­мот на Онисифор, зашто многупати ме успокои и не се посрами од моите око­ви.

17. А, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде.

18. Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! А колку служеше тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.