Нов Завет

1 Коринтјаните 1:2-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. До Божјата црква во Коринт, до вас, кои Бог ве повика да бидете Негов свет народ и ве направи свети преку Исус Христос, и вас, и сите христијани насекаде, сите што го повикуваат името на Исус Христос, нивни и наш Господ.

3. Ви посакуваме благонаклоност и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.

4. Постојано Му се заблагодарувам на мојот Бог за Неговата милосрдна благонаклоност што ви ја подари преку Исус Христос.

5. Тој во секој поглед ја збогати вашата црква со надареност за говорништво и со многу знаење.

6. Со тоа и проповедањето за Христос се зацврсти меѓу вас.

7. Сега, додека нестрпливо го чекате повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос, не ви недостасува никаква духовна дарба.

8. Тој ќе продолжи да ве надградува докрај, за да бидете беспрекорни на денот кога ќе се врати нашиот Господ Исус Христос.

9. Во Бог можете да имате доверба! Тој ве повика да се здружите со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.

10. Сега, драги пријатели христијани, многу ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, да изградувате слога меѓу вас, за да не дојде до раздор во црквата. Треба да ги усогласите вашите идеи и планови.

11. Од семејството на Хлое ме известија дека меѓу вас, драги мои, има поделби.

12. Едни сте викале: „Јас сум Павлов!“ други: „Јас сум Аполосов!“, трети: „Јас сум Петров!“, четврти: „Јас сум Христов!“

13. Зар Христос се раздели? Павле ли беше распнат за вас? Во името на Павле ли бевте крстени?

14. Благодарен сум Му на Бог што, освен Крисп и Гај, јас не крстив ниту еден од вас,

15. за да не рече некој дека е крстен во мое име.

16. (Да, ги крстив и членовите на семејството на Стефан, а не се сеќавам дали сум крстил уште некој.)

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 1