поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Даниел 7 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел сонуваше сон: пророчки виденија во главата на постела. Скратено запиша што сонувал.

2. „Ноќе во видение погледнав: кога ете: четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море.

3. Четири големи чудовишта излегоа од морето, секое поинакво. Првото беше како лав, а крилата му беа орловски.

4. Додека го набљудував, крилата му се искубаа, тоа се крена од земјата и се исправи на нозе како човек, и му беше дадено човечко срце.

5. Кога ете второто чудовиште: ете, сосем поинакво: како мечка, исправена од едната страна, три ребра и беа во устата, меѓу забите. И и беше речено: ‘Стани, најади се месо!

6. Гледав натаму, и ете: третото чудовиште како леопард, на грбот му беа четири птичји крила: имаше четири глави, и му беше дадена сила.

7. Потоа во ноќно видение, погледнав, кога ете: четвртото чудовиште, страшно, ужасно, вонредно силно: имаше големи железни заби; тоа јадеше здробуваше, а што ќе останеше, го газеше со нозете. Се разликуваше од претходните чудовишта и имаше десет рогови.

8. Му ги набљудував роговите и ете: меѓу нив израсте едно мало роже; и пред тоа роже се откорнаа три поранешни рога. И ете, на тој рог имаше очи како човечки очи, и уста што зборуваше големи хули.

9. Гледав: престолите беа поставени и Прадревниот седна. Облеката му беше како снег, влакната на косата како чиста волна, а Неговиот престол како огнени пламења и колцата како вжарен оган.

10. Огнена река течеше, извираше пред Него. Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него, судот седна, книжните свитоци се одвиткаа.

11. Тогаш јас гледав, заради вревата на големите хули што ги зборуваше рогот, и додека гледав, чудовиштето беше убиено, неговото тело раздробено и предадено на оган.

12. На другите чудовишта власта им беше одземена, но должината на животот им беше едно време и рок.

13. Гледав во ноќни виденија: и ете на небесните облаци доаѓа како Човечкиот Син. Тој Му се приближи на Прадревниот, и Го доведоа кај Него.

14. Нему Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото Царство нема да пропадне.

15. Мене, на Даниел, ми се смути заради тоа сиот дух, виденијата на мојата глава, ме исплашија сиот.

16. Му пристапив на еден од оние кои што стоеја таму и го замолив да ми ја каже вистината за сè тоа. Тој ми одговори и ми го кажа значењето:

17. ‘Оние четири големи чудовишта се четири цара кои ќе се дигнат на земјата.

18. Но од нив царството ќе го преземат Светите на Сèвишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите.’

19. Тогаш посакав да ја научам вистината за четвртото чудовиште за она што се разликуваше од сите други, беше извонредно страшно, имаше железни заби и бронзени кан?и и кое јадеше и здробуваше и со нозете газеше што ќе останеше;

20. и за десетте рогови што беа на неговата глава, и за другиот рог што израсте додека првите три отпаднаа - за рогот што имаше очи и уста која зборуваше големи хули и што беше поголем од другите рогови.

21. И гледав како овој рог војува против Светите та ги надвладуваше

22. додека не дојде Прадамнешниот, Кој им ја досуди правдата на Светите на Сèвишниот, и додека не дојде време кога Светите го завладеаја царството.

23. Тој рече: ‘Четвртото чудовиште ќе биде четврто царство на земјата, различно од сите царства. Ќе ја голтне целата земја, ќе ја згази и ќе ја здроби.

24. А десетте рогови: Од ова царство ќе настанат десет цареви, а по нив ќе се подигне еден друг различен од оние први - и ќе обори три цара.

25. Тој ќе хули на Сèвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сèвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време.

26. Тогаш Судот ќе седне, ќе му ја одземе власта, ќе ја разурне, ќе ја уништи сосем.

27. А царството, власта и величеството под сите небеса, ќе им се даде на народот на Светите на Сèвишниот. Неговото Царство е вечно Царство, и сите власти ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему.’

28. Тука се завршува словото. Јас, Даниел, бев мошне потресен во своите мисли, и лицето ми пребледе, но сè ова го запазив во своето срце.”