поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Даниел 6 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Му се свиде на Дариј да постави над своето царство сто и дваесет сатрапи, за да бидат над сето царство.

2. На нивно чело им стави три прочелници - Даниел беше еден од нив - на кои сатрапите ќе им полагаат сметки, за да не му се досадува на царот.

3. Даниел се истакнуваше толку со својот вонреден дух над прочелниците и над сатрапите та царот мислеше да го постави над целото царство.

4. Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка.

5. Тогаш тие луѓе рекоа: „Не ќе најдеме никаков повод против Даниел, освен да најдеме нешто против него во законот на неговиот Бог.”

6. Тогаш прочелниците и сатрапите навалија на царот та му рекоа: „О цару Дариј, жив да бидеш довека!

7. Сите прочелници на царството претстојниците и сатрапите, советниците и наместниците се сложија во тоа дека царот треба да издаде наредба и забрана: секој оној кој во рок од триесет денови ќе упати молба било до кој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама.

8. О цару, потврди ја таа забрана и потпиши ја наредбата за да биде неотповиклива според непроменливиот мидиско-персиски закон!”

9. Тогаш царот Дариј ги потпиша писмото и забраната.

10. Откако научи Даниел дека повелбата е потпишана, отиде во својата куќа. Прозорците на горната соба беа отворени кон Ерусалим. Таму тој три пати дневно паѓаше на колена, благословувајќи Го, молејќи Го и фалејќи Го Бога, како што правеше секогаш.

11. Оние луѓе навлегоа и го најдоа Даниела како Го моли и Го повикува својот Бог.

12. Тогаш отидоа пред царот и се повикаа на царската забрана: „Зар ти не ја потпиша забраната според која секој оној кој, во време на триесет денови, ќе упати молба до некој бог или човек, освен до тебе, о цару, ќе биде фрлен во лавовска јама?” Царот одговори: „Така е одлучено според непроменливиот мидиско-персиски закон.”

13. Тогаш му рекоа на царот: „Даниел, оној од јудејските заточеници, не се грижи за тебе, о цару, ниту за твојата забрана што ја потпиша: ја обавува својата молитва три пати дневно.”

14. Откако ги чу тие зборови царот се нажали многу и одлучи да го спаси Даниела.

15. Ама оние луѓе навалија врз царот, велејќи: „Знај, о цару, дека според мидиско-персиски закон ниедна царева забрана или одлука не може да биде отповикана.”

16. Тогаш царот нареди да го донесат Даниела и да го фрлат во лавовската јама. Царот му рече на Даниела: „Твојот Бог, Кому што Му служиш така постојано, нека те избави.”

17. Донесоа камен и го ставија врз отворот на јамата. Царот го запечати со својот прстен и со прстењата на своите големци, за да не се менува ништо за Даниела.

18. Царот се врати во својот дворец и ја помина ноќта без да вкуси јадење и не дозволувајќи да му ги доведат соложниците. Не можеше да заспие.

19. Царот стана рано во зората, кога се разденуваше, и отиде бргу кај лавовската јама.

20. Кога се доближи, му викна со жалостен глас на Даниела: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали Бог, Кому Му служиш постојано, можеше да те избави од лавовите?”

21. Даниел одговори: „О цару, да бидеш жив довека!

22. Мојот Бог го испрати Својот ангел; им ги затвори устите на лавовите, та не ме повредија, зашто сум невин пред Него. Па и пред тебе, о цару, јас сум без кривица.”

23. Царот се израдува многу и нареди да го извадат Даниела од јамата. Го извадија Даниела од јамата неповреден, зашто се надеваше во својот Бог.

24. Царот заповеда да ги доведат оние луѓе што го беа оптужиле Даниела, и да ги фрлат во лавовската јама, нив, нивните жени и нивните деца: уште пред да го допрат дното на јамата, лавовите ги грабнаа и им ги здробија коските.

25. Тогаш царот Дариј им напиша на сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја: „Да изобилувате со мир!

26. Еве ја наредбата што ја донесувам: во сето мое царство луѓето нека се бојат и нека треперат пред Даниеловиот Бог: Тој е жив Бог, Тој останува довека! Неговото Царство нема да пропадне, на Неговата власт и нема крај!

27. Тој избавува и спасува, прави знаци и чудеса на небесата и на земјата! Тој го спаси Даниела од силата на лавовите!”

28. Даниел напредуваше во времето на Дариј и во време на владеењето на Персиецот Кир.