поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12

Стар Завет

Нов Завет

Даниел 11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. И така во првата година на Дариј мидјанецот му станав поткрепа и закрила.

2. А сега ќе ти ја откријам вистината. Еве: уште три цара ќе станат во Персија: четвртиот ќе биде побогат од другите, па кога ќе се засили заради своето богатство, сите ќе ги подигне против Грчкото царство.

3. Ќе стане јуначки цар, ќе владее со голема власт и ќе прави што ќе му биде волја.

4. А штом ќе се дигне, неговото царство ќе се распадне и ќе биде поделено на четири небесни ветра, ама не меѓу неговите потомци; и не ќе биде веќе толку силно како во времето на неговото владеење, зашто неговото царство ќе биде разурнато и предадено на други, а не ним.

5. Царот на југ ќе стане силен; еден од неговите заповедници ќе биде посилен од него и ќе завладее со поголема сила отколку што е неговата.

6. Неколку години подоцна тие ќе се здружат, а ќерката на царот на Југ ќе дојде кај царот на Север за да склучат договор. Ама таа со тоа нема да ја запази силата на својата мишка, и нејзиното потомство нема да се додржи: ќе бидат предадени таа и нејзината придружба, и нејзиното дете и нејзиниот помогнувач во тие времиња.

7. Но еден подник од нејзиниот корен ќе се подигне на нејзиното место, ќе навали врз војската, ќе навлезе во тврдината на царот на Север, ќе дејствува против нив и ќе ги победи.

8. Па и нивните богови, нивните кипови и нивните скапоцени посатки, сребрени и златни, ќе ги однесе како плен во Египет. Неколку години ќе биде појак од царот на Север,

9. кој тогаш ќе навлезе во царството на Југ од каде ќе се врати во својата земја.

10. Ама тогаш неговите синови ќе се вооружат, ќе соберат силна војска, ќе навалат одлучно и ќе поминат како поплава, потоа пак ќе се заметне војна сè до неговата тврдина.

11. Тогаш царот на Југ ќе се разгневи и ќе завојува против царот на Север; ќе дигне силна војска и ќе ја надвладее неговата војска.

12. Мноштво ќе биде уништено, а тој ќе се возгордее заради тоа; ќе погуби десетици илјади, но нема да се додржи:

13. царот на Север пак ќе крене војска поголема отколку порано, и по неколку години ќе навали со голема, добро опремена војска и со богатство.

14. Во тоа време мнозина ќе се дигнат против царот на Југ; ќе станат и насилниците од твојот народ за да се исполни привидот но ќе пропаднат.

15. Царот на Север ќе дојде: ќе подигне насипи за да заземе еден утврден град. Мишките на југ не ќе одолеат, па ни избраните чети не ќе имаат сила да дадат отпор.

16. Оној ќе навали против него и ќе направи со него како што ќе му се посака - никој не ќе му даде отпор: ќе се запре во Прекрасната Земја, и таа ќе настрада од неговите раце.

17. Откако цврсто одлучи да го добие по секоја цена сето негово царство, ќе склучи со него договор давајќи му една ќерка за жена за да го упропасти, ама нема да успее, тоа нема да се збидне.

18. Потоа ќе се заврти кон островите и многу ќе освои, ама еден заповедник ќе го докрајчи тој срам, ќе му врати срам за срамот.

19. Бргу ќе се заврти кон тврдините на својата земја, ама ќе се сопне, ќе падне, и веќе не ќе се подигне.

20. На неговото место ќе дојде еден кој ќе испрати даночник по најславното во царството, ама за малку време ќе загине без гнев и без војна.

21. На негово место ќе се воздигне ништожник, кому не му припаѓа царска чест. Но тој ќе дојде одненадеж и со сплетки ќе го завладее царството.

22. Пред него ќе бидат преплавени и скршени напаѓачките сили и самиот водач на Сојузот.

23. И покрај спогодбата со него, ќе нападнат предавнички и ќе го совладаат со малку луѓе.

24. Одненадеж ќе навлезе во богати покраини и ќе постапува како што не постапуваа неговите татковци ни татковците на неговите татковци, растурајќи го меѓу своите пленот, грабежот и богатството, ќе смислува завери против тврдите градови, но само за некое време.

25. Ќе ја раздвижи, со голема војска, својата сила и храброст против царот на Југ. Царот на Југ ќе тргне во војна со голема и силна војска, ама не ќе издржи, зашто против него ќе биде направена завера.

26. И тие кои јадеја покрај неговиот стол ќе го погубат: неговата војска ќе биде уништена и мнозина ќе паднат исечени.

27. Обата цара ќе смислуваат зло; седејќи покрај ист стол ќе си зборуваат лаги еден на друг: но не ќе успеат, зашто крајот е одложен до одредено време.

28. Тој ќе се врати во својата земја со големо благо; со срцето против Светиот Завет, ќе го направи своето и ќе се врати во својата земја.

29. Во одредено време пак ќе тргне против Југ, но сега нема да биде како првиот пат.

30. Китимските бродови ќе нападнат на него, и тој ќе се исплаши. Ќе се врати, ќе се разгневи против Светиот Завет и пак ќе се спогоди со оние кои го напуштија Светиот Завет.

31. Неговите чети ќе дојдат и ќе го обесветат Светилиштето на Тврдината, ќе ја укинат секојдневната жртва и ќе ја постават грозноста на запустувањето.

32. Со своите сплетки ќе ги наведат на отпаднување оние кои згрешија против Заветот, но луѓето кои Го љубат Бога ќе се засилат и ќе дејствуваат.

33. Разумните во народот ќе го поучуваат мноштвото, ама едно време ќе ги сотрува со меч, и со оган, со заточение и со грабеж.

34. Додека ги затираат, само неколкумина ќе им помагаат, а мнозина ќе им се придружат измамливо.

35. Некои од разумните ќе настрадаат за да се испитаат, за да се очистат и за да обелат до времето на свршетокот, зашто уште не дојде одреденото време.

36. Царот ќе постапува како што ќе сака, вознесувајќи се и воздигнувајќи се себеси над сите богови: против Бога над боговите ќе зборува хули, и ќе успева додека не се исцрпи гневот - зашто она што е одредено, тоа ќе се исполни.

37. Не ќе се грижи за боговите на своите татковци, ни за љубовта на жените, ниту за кој и да е друг бог: ќе се издига самиот себе над сите.

38. Место нив ќе го почитува богот на тврдините, богот кого не го познаваа неговите татковци, ќе го почитува со злато и сребро, со бесцени камења и со други скапоцености.

39. Ќе навали на тврдините на градовите со помош на туѓ бог: оние кои ќе го признаат него ќе ги опсипе со почести и ќе им даде власт над мноштвото и ќе им дели земја за награда.

40. Во времето на свршетокот царот од Југ ќе завојува со него; царот од Север ќе нападне против него како виор со своите коњи, со своите коњаници и со многу свои бродови. Ќе навлезе во земјите и ќе помине низ нив како поплава.

41. Ќе навлезе во Прекрасната Земја и мнозина ќе паднат. На неговите раце ќе им избегаат Едом и Моав и главнината на Амоновите синови.

42. Ќе ги испружи своите раце по земјите: Египет нема да му избега.

43. Тој ќе ги освои: златното и сребреното благо и сите скапоцености на Египет и Либијците.

44. Но и Етиопците ќе го следат. Ќе го вознемируваат вестите од исток и од север та ќе тргне многу гневен за да го уништи и затре мноштвото.

45. Ќе ги постави своите дворски шатори меѓу морето и Славната Света Гора. Ама и нему ќе му дојде крајот и никој не ќе му помогне.